Зекири: Ѓорчев ме молеше да спречам група од Бит-пазар да дојде до Собранието


Одбраната инсистираше пратеникот Мухамед Зекири да признае дека нередите во Собранието се случиле откако Талат Џафери бил назначен за парламентарен спикер, Обвинителството ги побиваше ваквите барања, а судијката Добрила Кацарска се согласуваше со обвинителите. Вака главно траеше поголемиот дел од вчерашната расправа во скопскиот Кривичен суд за настаните од ланскиот 27 април, каде што им се суди на триесетина лица. Покрај Зекири, како сведок беше повикан и градоначалникот Петре Шилегов.

Зекири, кој е и потпретседател на СДСМ, сведочеше дека инцидентите започнале по прес-конференцијата на Зоран Заев и на Талат Џафери. Во еден момент, рече тој, се отвориле вратите од галеријата и дел од толпата што протестирала пред Собранието влегла внатре. Прво забележал човек со качулка на главата, во маскирни панталони и црн елек, со радиостаница во рацете, кој бил збунет и не знаел каде да оди. Се обиделе да ги спасат колешките, па ги спуштале долу во салата.

Ја затворивме вратата, бевме во паника и страв. Толпата влезе во галеријата, прв на мета им беше Заев, почнаа да нè гаѓаат со сè што им падна во раце: стативи од камери, шипки, дури и компјутерски монитор. Горе, каде што бевме, има две кабини за превод. Влегов во едната, таму веќе беа колешките Десковска, Прентовиќ, Ковачев и Туфегџиќ. Со стол ја забарикадиравме влезната врата. Преку стаклото гледавме што се случува надвор. И во првата кабина имаше засолнати наши колеги. Толпата го извикуваше моето име, ми се закануваа и ме навредуваа. Се чувствувам ужасно, мислев на семејството, најблиските. Не би сакал никој да го искуси тоа чувство“, зборуваше Зекири.

Драмата траела околу два и пол часа. Насилниците се обиделе да ја отворат вратата од кабината, но не успеале. На долниот кат, забележал ќелав човек, со качулка и со пиштол во задниот дел од панталоните. Во еден момент му паднал на подот, се наведнал и го зел. Уште две лица биле вооружени, но подоцна разбрал оти биле припадници на обезбедувањето. По некое време, слушнал и видел истрел што завршил во плафонот. Го испукал припадник на обезбедувањето на министерот Оливер Спасовски. Во кабината веќе не се дишело, пратениците се чуделе зошто не им помага полицијата и се молеле сè да заврши без поголеми последици.

После извесно време, дојдоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев. Толпата веднаш го истурка Тодоров, додека Ѓорчев застана пред нив и нè бранеше“, сведочеше Зекири.

Слушнал шок-бомба и сфатил дека тоа е добар знак оти дошла полицијата. Ја отвориле вратата, виделе дека дел од насилниците сега глумеле пред полициските специјалци оти тука биле да им помогнат на пратениците. Ги префрлиле во најблиската пратеничка канцеларија. Таму биле и други пратеници. На подот го забележал легнат и во многу лоша состојба припадникот на обезбедувањето што го испукал предупредувачкиот куршум. Набргу бил однесен во болница.

Ѓорчев влегуваше и излегуваше. Нè молеше мене и Џафери да го искористиме нашето влијание и да спречиме група на Бит-пазар, која, наводно, се собрала и сакала да дојде во Собранието. Рековме дека немаме таква информација, но, сепак, им се јавивме на наши познајници и побаравме да спречат доколку навистина се случува тоа. На крајот, нè евакуираа во касарната во Ѓорче Петров. Таму веќе беа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Зекири.

Одбраната на обвинетите долго време се обидуваше да го притисне Зекири да каже оти прес-конференцијата на Заев и на Џафери, всушност, била поради назначувањето на поранешниот министер за нов претседател на Собранието. Имајќи предвид дека испрашувањето беше вкрстено, обвинителката Вилма Русковска постојано приговараше на ваквите барања, образложувајќи дека Зекири ниту еднаш во исказот не спомнал дека прес-конференцијата била поради таа намена. Судијката Кацарска се согласуваше со неа и не ги дозволуваше прашањата, што предизвика нервоза кај адвокатите на обвинетите. Поради тоа, судијката ѝ се закани на адвокатката Сања Алексиќ дека ќе ја казни.

Судскиот процес продолжува денеска, кога треба да сведочи и премиерот Заев.

Горан Адамовски