Здравко Мамиќ осуден на 6,5 години затвор


Најмоќната фигура на хрватскиот и на балканскиот фудбал, Здравко Мамиќ е осуден на 6.5 години затвор поради малверзации при продажба на фудбалери од Динамо Загреб. Одлуката на судот во Осиек е неправосилна, односно странките имаат право на жалба, но потпретседателот на загрепскиот клуб уште вчера ја напушти Хрватска и замина во својата вила во Херцеговина. Од таму се изјасни дека е државјанин и на БиХ што значи дека не планира да оди во притвор, како што налага првостепената пресуда.

Покрај Здравко, осуден е и неговиот брат Зоран (4 години и 11 месеци), Дамир Врбановиќ (три години) и Милан Пернар (4 години и три месеци). Според судот, виновни се извлекување пари од Динамо, спорни се трансферите на Лука Модриќ во Тотенхем и на Дејан Ловрен во Лион.

Покрај тоа, осудените треба да ги врати парите, а според обвинението станува збор за 15 милиони евра, а на Мамиќ му се одземаат и двата стана во центарот на Загреб, како и земјиштето што го купил со незаконски стекнатите пари. Сопругата на Мамиќ, пак, ќе треба да ги предаде клучевите од третиот стан.

Во понеделникот вечерта, Мамиќ одржа прес-конференција на која тврдеше дека поседува смс пораки на обвинителството и на судот во кое се договара неговата пресуда. Државните институции одговорија дека ќе спроведат истрага, но оти според првичните анализи, тие се лажни.