Зголемување на бројот на барања за азил од Македонија во ЕУ


Последните бројки на Европската Канцеларија за азил, ЕАСО, покажуваат дека државјаните на Северна Македонија се меѓу оние кои најчесто продолжуваат да поднесуваат барања за азил, дури и откако се одбиени, јави дописничката на МИА од Брисел.

Генерално, ЕАСО констатира зголемување од 21 отсто на барањата на азил во земјите на ЕУ плус Норвешка и Швајцарија (ЕУ+) во текот на јануари оваа година во однос на претходниот месец и зголемување од девет отсто во однос на јануари 2018 година.

Во текот на јануари поднесени се вкупно 58.609 барања за меѓународна заштита во ЕУ+, што е повеќе од било кој месец во 2018 година, информира ЕАСО. Најголем број барања доаѓаат од Сирија, Ирак и Авганистан.

Но, не изостануваат ни барањата од Северна Македонија.

Во јануари 2019, поднесени се 628 барања за меѓународна заштита од страна на македонски граѓани, а речиси половина од овие се повторени барања. Со ова Северна Македонија, заедно со Србија се меѓу првите земји чии државјани поднесуваат барања за азил во повеќе наврати, дури и откако биле одбиени.

-Некои државјани имаат тенденција почесто да поднесуваат повторно барања, таков е случајот, на пример, со граѓаните од Северна Македонија и Србија, каде речиси половина од апликациите се повторени. Најчесто концентрацијата на повторени барања се највисоки кај државјаните од земјите од западниот Балкан, се наведува во соопштението на европската канцеларија за азил.

Северна Македонија бележи значаен раст на барањата за азил во јануари 2019, поголем број барања од нашата земја имало во април и март 2017 година.

Од ЕАСО не ги коментираат причините за оваа ситуација, но важно е да се напомене дека во огромно мнозинство случаи, барањата за азил од Македонија се одбиваат бидејќи земјата се смета за безбедна. Од 628 поднесени барања во јануари, 539 се одбиени, а стапката на одобрување на апликациите е еден отсто.

Во регионот, најмногу барања за меѓународна заштита во ЕУ, Швајцарија и Норвешка доаѓаат од Албанија. Само во јануари 2019, над две илјади лица од Албанија побарале азил во ЕУ+, од кои дури 1.812 се први барања, а над 1.700 се одбиени.

Србија, исто така, бележи раст на овие апликации во јануари, со 897 барања, што е една од највисоките стапки за оваа земја од крајот на 2017 година.

Во топ десет на барањата за азил во ЕУ+ се наоѓаат Пакистан, Иран, Нигерија, Турција, Венецуела, Албанија и Грузија. Најзначајното зголемување се однесува на државјаните од Венецуела и Нигерија.