Зголемен бројот на превезени патници во патниот, воздушниот и железничкиот превоз


Во патниот патнички сообраќај во вториот квартал од годинава во однос на тој квартал лани, бројот на превезени патници е зголемен за 2,7 отсто, во воздухопловниот за 20,7 проценти, во железничкиот превоз за 13,8 отсто, а намалување е забележано за 16,4 отсто во градско-приградскиот превоз, објави Државниот завод за статистика.

Во однос на првото тримесечје од 2018 година, бројот на превезените патници во патничкиот превоз е зголемен за 2,6 отсто, во градско-приградскиот превоз за 4,9 отсто, во железничкиот превоз за 12,1 отсто, додека во воздухопловниот превоз е зголемен за 32,3 отсто.

Во второто тримесечје од 2018 година, во споредба со второто тримесечје од 2017 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е намалено за 4,4 отсто, во воздухопловниот превоз за 7,4 отсто, додека во железничкиот превоз е зголемено за пет отсто.

Во однос на првото тримесечје од 2018 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е зголемено за 22 проценти, во воздухопловниот превоз за 10,9 отсто, додека во железничкиот превоз е зголемено за 13,4 отсто.