За 12 контролори на летање конкурирале 200 кандидати


На првиот оглас за школување на кандидати за стекнување дозвола за контролор на летање, по последниот во 2003 година, за 12 места се пријавиле 200 кандидати. Она што ги привлекува младите да конкурираат за контролори на летање не е само фактот што оваа професија во Македонија е една од најплатените, туку и можноста за работа во странство.

„Во идеални услови би одбрале 12 контролори на летање, но најважен во дадениов момент ни е квалитетот на селектираните кадри, затоа што се работи за професија каде што се потребни врвни професионалци кои поседуваат специфични способности“, ни изјави директорот на М-НАВ, Николче Тасески.

За селекција на кандидатите, во М-НАВ велат дека го користат најдобриот метод во моментов, а тоа е тестот FEAST, по кој се селектираат кандидати во 48 организации на светско ниво. Тоа е тест кој специфично ги таргетира потребните способности за контролорска работа.

„Станува збор за компјутерски тестови каде што упатствата и објаснувањата се на англиски, чие добро познавање е предуслов за оваа работа. Во моментот ја спроведуваме првата фаза од тестот FEAST, и очекуваме да заврши следната недела. По завршувањето на трите фази на тестирањето, кандидатите ќе бидат упатени на лекарски преглед“, објаснува Тасески.

Оние што ќе поминат на преглед потоа одат на обука во еден од европските школски центри, но каде, М-НАВ уште нема одлучено.

Директорот Тасески вели дека планирано е обуката да почне оваа есен. „Кандидатите би требало да се спремни за работа на оперативно работно место под надзор на инструктор најдоцна до следното лето. Кога ќе можат самостојно да водат авиони, не може да прецизираме бидејќи тука веќе напредокот е индивидуален. Сепак, очекуваме да се подготвени да придонесат во системот во текот на 2020 година“, укажува Тасески.

М-НАВ не може да каже колку ќе чини целиот процес. Велат дека во координација и согласност со Еуроконтрол го испланирале буџетот за реализација на оваа селекција, но дека сѐ уште не е конечен, поради необјавување на тендерот за избор на тренинг-центар. Оваа набавка ќе се направи кога ќе заврши селекцијата и ќе бидат избрани 12. кандидати.

За парите што М-НАВ ќе ги вложи во кандидатот, тој, врз основа на договор за вработување на неопределено време, ќе мора да се обврзе дека нема да ја напушти институцијата следните 10 години.

Во моментов во скопската и охридската контрола на летање работат околу 60 контролори на летање кои се оперативни, и дополнителни 20 кои се дел од менаџмент или работат на проекти.

„Поради недостигот на контролори на летање, ќе бидеме приморани дел од проектите да ги пролонгираме за наесен бидејќи во летната сезона имаме големо зголемување на бројот на прелети. Предвидувањата за зголемување на сообраќајот на светската организација ‘Статфорд’ беа 4,7% на годишно ниво, но во овие четири месеци се соочуваме со просечен раст од 9%“, ни изјави Тасески.

Анита Салтировска