За чистење оџак, субвенција од 1.000 денари


Градот Скопје ќе субвенционира 1.000 денари за секое домаќинство или фирма, кои пред почетокот на грејната сезона ќе ги исчистат оџаците. Советот на Скопје вчера даде зелено светло од буџетот да се одвојат два милиони денари за субвенции за оваа намена. Целта, како што посочи градоначалникот Петре Шилегов, е да се намалат штетните емисии од нечистите оџаци, а од друга страна да се зголеми безбедноста бидејќи огромен дел од пожарите настануваат поради затнати оџаци.

„Од сезонава почнуваме нова пракса, која се надевам дека ќе стане навика. Домаќинствата мора да ги одржуваат оџаците бидејќи тие се сериозен извор на ПМ 10 честички во текот на зимата, а знаеме дека во Скопје над 40 отсто од семејствата се затоплуваат на дрва. За да им овозможиме брза и ефикасна услуга на граѓаните, летово организиравме курс за оџачари, а во тек е и обуката на втората група. Тоа се овластени и обучени лица кои професионално ќе ја завршат работата“, појасни Шилегов.

Пари ќе може да добие секое домаќинство и фирма, кои ќе се јават на јавниот повик што ќе биде објавен на интернет-страницата на Градот Скопје и ќе трае до 22 ноември. Освен пополнетата пријава, граѓаните ќе треба да достават и доказ дека оџакот е исчистен од страна на лиценциран оџачар, откако е објавен огласот. Од Градот информираат дека субвенциите ќе се исплатуваат сè додека не се исполни предвидениот буџет, а предност ќе имаат оние што први доставиле пријави.