За три години долгот ќе достигне до 6,5 милијарди евра


За три години јавниот долг на Македонија ќе стигне до 6,5 милијарди евра. Ова произлегува од фискалната стратегија на Народната банка за периодот од 2018 до 2020 година, каде што стои дека јавниот долг на Македонија до 2020 година ќе биде 53,5 отсто од БДП.

Податоците од Народната банка покажуваат дека до крајот на минатата година јавниот долг изнесувал 47 отсто од БДП.
Изготвената стратегија нагласува дека јавниот долг во наредните три години ќе се зголеми за 1,8 милијарда евра.

Меѓународниот монетарен фонд предложи новата влада што побрзо да подготви стратегија за фискална консолидација. ММФ бара поефикасно собирање на ДДВ, рационализација на субвенциите, реформи во доменот на пензиите и повисоки даноци на горива и имоти.

Министерството за финансии вели дека фискалната консолидација започна со овогодинешниот буџет, при што проектираниот дефицит изнесува 2,7 отсто од БДП. Според стратегијата, дефицитот до 2020 година се очекува да се намали на 2,3 отсто.

Во следните три години, според очекувањата, Македонија ќе исплати долг и каматни стапки во висина од 1,7 милијарда евра. Оваа година Владата ќе плати 510 милиони евра.
(Н.В.)