За тетовскиот огранок на Беса Билал Касами е легитимниот претседател на партијата


Претседателката на Форумот на жени на Беса од Тетово Хатије Етеми денеска информираше дека членство на движењето од овој огранок и околните места потпишале декларација со која се бара од органите на движењето одржување на внатрешното единство, политичкото влијание и успешните резултати во политичкиот живот во Македонија.

Етеми побара од пратеникот од тетовскиот регион Неџбедин Каремани, кој вчера на Централниот совет одржан во Скопје беше назначен привремено да ја води партијата, да ги почитува законските и легитимните органи на Беса и кажа оти претседател на партијата е Билал Касами.

– Бараме пратеникот Каремани кој мандатот го доби од активистите од овие локални ограноци, да ги почитува законските и легитимните органи на движењето Беса, да го почитува легитимниот претседател на Беса Билал Касами, кој и му го отстапи пратеничкиот мандат на Каремани, рече таа.

Апелираше сите оние кои се обидуваат на незаконски начин да и наштетат и да ја узурпираат Беса да се повлечат од оваа, како што кажа, „ѓаволска игра“ бидејќи во спротивно не само што ќе се соочат со револтот на нивните гласачи туку и ќе бидат преземени сите законски и политички мерки против секој од нив.

Абдуш Демири, задолжен за односи со медиумите, рече дека членовите на Централниот одбор што вчера одржале неформален состанок во Скопје биле поканети да присуствуваат и учествуваат на состанокот на Централниот совет на движењето Беса во Тетово.

– Последните информации ни беа дека тие ќе дојдат. Но во последен час добивме информации и слушнавме дека тие одржуваат некој неформален состанок во Скопје каде донеле нелегитимни одлуки. Централниот совет и движењето Беса се овде, изјави Демири.

Во однос на тоа што и на состаноците и во Скопје и во Тетово имаат свои посебни одлуки за одржување прв конгрес на Беса Демири рече дека не може да коментира неформални состаноци и одлуки.

– Можам да коментирам само околу легалниот состанок на Централниот совет на Беса што се одржа во Тетово каде се одлучи дека на 24 феврураи ќе биде организиран првиот конгрес на движењето Беса и каде беше избрана комисија од седум членови која ќе го координираат целиот процес за конгресот. До конгресот дивжењето Беса ќе го води досегашниот претседател Билал Касами, рече Демири.