За една недела од грип заболеа 3.728 лица


Вкупно 3.728 лица заболеа од грип во минатата недела, односно во периодот од 12 февруари до 18 февруари. Тоа е зголемување за 26 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 2.964 заболени, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Бројот на регистрирани случаи е повеќекратно повисок споредено со седмата недела од минатата сезона која се одликуваше со ран почеток. Се регистрира лесно зголемување од 15 отсто споредено со очекуваната инциденца на грип за оваа недела.

Регистрираната инциденца и oваа недела одговара на средна активност активност на вирусот на грип.

Во седмата недела најголем број заболени – 2.201 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 377,2 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Најмногу заболени, вкупно 541 лице, се пријавени во Скопје.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, само на територија на подрачните единици Дебар, Свети Николе, Ресен, Кавадарци и Центарот за јавно здравје Прилеп се регистрира многу висока активност; во четири – висока активност, седум центри за јавно здравје/подрачни единици пријавуваат средна активност, 11 центри за јавно здравје/подрачни единици – ниска активност, а во две единици се регистрира многу ниска активност на грип.

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 12.171 случаи на грип со инциденца на 588,2 на 100.000. Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона (34.103).

Досега, најголем број случаи – 1.747 се регистрирани во ПЕ Гостивар, а поголем број е пријавен и во ЦЈЗ Тетово (1.258) и ЦЈЗ Куманово (1.222). Највисока инциденцата од 2.500,5 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 7.409 случаи (61 отсто), а највисока кумулативна инциденца од 1.086,6 на 100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.