За две недели на сметките на вработените треба да легнат по 9.174 денари


Работодавачите имаат уште две недели да исплатат регрес за годишен одмор, или кај работниците популарно познат како К-15. На сметките на сите вработени во приватниот сектор до крајот на годинава треба да легнат по 9.174 денари, или 40 отсто од просечната нето плата.

Фирмите што не го исплатиле регресот во претходните 10 месеци ќе мораат тоа да го направат во наредните 15 дена, до кога е законскиот рок. А во случај да не го исплатат, предвидени се парични и затворски казни за работодавачите.
Обврската за исплата К-15 беше воведена со измените на Општиот колективен договор за стопанството пред три години. Работникот има право на овој регрес само доколку работел најмалку шест месеци во текот на годината кај еден ист работодавец.

И покрај тоа што законски на сите вработени им следува К-15 до крајот на годината, дел од работодавачите ја избегнуваа оваа обврска. Имаше и такви случаи кога вработените пријавуваа дека газдите им исплатиле регрес, а потоа им ги барале парите назад.

Засега нема статистички податоци колку претставки од вработени има по основ на неисплатен регрес за годишен одмор.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека по воведувањето на електронското плаќање на придонесите, намален е бројот на работници што не земаат плата, а во однос на неисплатата на К-15 проблемот го гледаат во недоволното познавање на законските прописи од страна на дел од малите и микро-претпријатија кои, за жал, не склучуваат спогодба со вработените и одлучуваат да не исплаќаат К-15.

– По воведување на електронското плаќање на придонесите има намалување на бројот на работници што не земаат плата, но, за жал, некои подобри компании, само поради неликвидноста на купувачите, се доведени во ситуација да не можат редовно да ги исплаќаат платите – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Од друга страна, работниците сѐ уште не се доволно охрабрени да пријавуваат злоупотреби при исплата на платите или К-15 бидејќи се плашат да не бидат избркани од работа или да не им биде вршен притисок на работа од страна на раководството.

Обврската за задолжителна исплата на К-15 стапи во сила во 2014 година кога на вработените во приватниот сектор како средства за годишен одмор им беа исплатени по околу 8.400 денари. За фирмите што нема да исплатат К-15 е предвидена вкупна казна од 4.000 евра, како и казни затвор до три години за работодавачите што на работниците ќе им исплатат регрес, а потоа ќе си ги побараат парите назад. Исклучок од оваа обврска имаат компаниите што работеле со загуба, но за тоа треба да имаат согласност од синдикатот.

Александра Спасевска