За Германците поголем проблем е Трамп отколку Северна Кореја, Русија и Турција


Германците сметаат дека американскиот претседател Доналд Трамп е поголем предизвик за германската надворешна политика отколку лидерите на Северна Кореја, Русија или Турција, покажува анкета што ја спроведе Фондацијата „Кербер“.

На врвот на листата на надворешнополитички проблеми се бегалците, при што 26 отсто испитаници се загрижени за германската способност да се избори со големиот прилив на баратели на азил.

На второ место се односите со Трамп и САД, кои 19 проценти од испитаниците ги оцениле како голем предизвик. По САД следуваат Турција со 17 отсто, Северна Кореја со десет и Русија со осум отсто.

Чекорите на Трамп како што беа повлекувањето од Договорот за климата од Париз, одбивањето да го потпише меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма и критикувањето на германскиот трговски суфицит и придонесот на земјата во НАТО, ја поттикнаа германската канцеларка Ангела Меркел претходно годинава да изјави дека Берлин можеби нема да биде во можност во иднина да се потпре на САД. Таа исто така ја повика Европа да ја земе својата судбина во свои раце.

Во анкетата, во која учествувале 1.005 Германци, доволно возрасни за да гласаат и која била спроведена во октомври, 56 отсто од учесниците го опишале својот однос со САД како лош или многу лош.