За гас во секој дом ќе почекаме две-три години


Македонија би можела да биде целосно гасифицирана најрано до 2020 година, ако се реши проблемот со огромниот број незавршени експропријации кои ја забавуваат изградбата на терен. Од новиот менаџмент на АД „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР), кои се надлежни за гасификацијата на Македонија, се оптимисти дека работите ќе се забрзаат во наредниот период.

Гасификацијата се најавува со децении и е еден од клучните адути на сите партии во сите изборните кампањи. Но граѓаните сѐ уште не можат да го почувствуваат бенефитот од греењето на гас. Премиерот Зоран Заев на претставувањето на Буџетот за 2017 година изјави дека Владата планира да ја „нападне“ Македонија од сите страни со цевки за гас. Но, за да се реализира овој амбициозен план, потребни се дополнителни пари и време.

Засега само цевковод

Благојче Котески, новиот директор на државната компанија МЕР, објаснува дека кога седнал на директорската фотелја компанијата била со празен буџет, па и со долг од еден милион евра.
– МЕР е корисник на кредит од 90 милиони евра од Дојче банка за изградба на гасоводна инфраструктура, но тие пари не смеат да се користат за ништо друго. Побаравме од Владата да го зголеми основниот влог во МЕР за еден милион евра за да имаме средства за експропријација и за тековно работење. Очекуваме на следната владина седница да добиеме зелено светло – објаснува Котески за состојбата на енергетската компанија. Во разговор за „Независен весник“ директорот објаснува дека на терен има проблеми во изградбата за кои се потребни дополнителни финансиски средства за да се завршат.

– Првиот крак од Клечовце до Штип, кој е целосно изграден, е само цевковод, а не и гасовод, односно сѐ уште низ него не поминува гас. На почетокот на септември овој крак го врзавме со постоечкиот гасовод на ГА-МА и во наредниот период ќе има тендер за избор на компанија што ќе пушти гас, така што конечно овој крак треба да биде ставен во функција најдоцна до април следната година – објаснува Котески.
Вториот крак од Штип до Неготино е изграден над 85 отсто, и покрај малите проблеми со експропријација, се очекува дека ќе биде завршен следната година, како што е предвидено.

– Од кракот од Неготино до Битола досега се изградени само 14 отсто. Тука имаме проблем со експропријацијата. Не може да продолжи изградбата сѐ додека не се решат имотно-правните односи на трасата од гасоводот. За тоа се потребни средства од околу еден милион евра бидејќи почнало да се гради иако не бил чист теренот – објаснува Котески.

Во исто време се гради и кракот Скопје-Гостивар-Тетово. За следната година се обезбедени 32 милиони евра за гасоводна инфраструктура и дополнителни 10 милиони евра за МЕР, пари што ќе бидат наменети за експропријација и за други имотно-правни работи. По решавањето на проблемите, се очекува изградбата да се интензивира. Согласно потпишаните договори со изведувачите, треба до 2020 година целосно да биде изградена примарната гасоводна мрежа.

Кој ќе ги донесе цевките до секој дом?

– За понатамошната изградба и поврзување на секој дом и секоја компанија со гас се чека да биде донесен новиот закон за енергетика во кој ќе биде дефинирано како ќе се гради дистрибуцијата на гасот до домаќинствата и до индустријата. Намерата е во наредниот период секоја општина и секој град сами да си ги преземат обврските кога станува збор за изградба на гасификациската мрежа до крајните потрошувачи. Ќе треба секоја општина да направи физибилити-студија која ќе покаже колку средства ќе бидат потребни и на кој начин ќе можат целосно да се гасифицираат – објаснува Котески. Според него, ако локалните власти работат паралелно и со ист интензитет како и централната власт, може да се очекува цевките за гас да пристигнат во секој дом во исто време со примарната гасификација, односно најрано до 2020 година.

Претходната влада пред заминување распиша меѓународен оглас за јавно-приватно партнерство за изградба на секундарна и терцијарна гасификациска мрежа во земјата. Но овој договор беше поништен од новата влада бидејќи, како што информираа тогаш, се јавил само еден понудувач. Овој модел на гасификација, како што информираат од МЕР, нема да биде применет согласно новиот закон за енергетика, кој е во фаза на изработка.
Што се однесува до изворите на гас, минатата недела беше потпишан договор со бугарскиот оператор за гас „Булгартрансгаз“ ЕАД и МЕР за спроведување физибилити-студија за изградба на нова гасна интерконекциска врска со Бугарија. Минатата година беше попишан меморандум со грчкиот систем-оператор за пренос на гас ДЕСФА за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип-Неа Месемврија. А Македонија веќе 20 години преку гасоводот ГА-МА се снабдува со гас од Бугарија, кој засега има многу мала искористеност.

Александра Спасевска