Затвор за гинекологот кој лажеше пациентка дека е бремена


Затвор за гинекологот кој лажеше пациентка дека е бремена

Гинекологот Николче Дамчевски, кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена вчера беше осуден на година ипол ефективна казна затвор. Судот му изрече и забрана за вршење дејност во траење од осум години.

Дамчевски пред судот ја призна вината.

– Не сме задоволни од изречената казна. Особено имајќи ја предвид специфичноста на кривичниот настан и начинот на кој се сторени кривичните дела од страна на обвинетиот. Во понатамошната постапка ќе ги искористиме сите правни инструменти во насока на задоволување на правичноста и во насока на превенција вакви и слични кривични дела да се повторат – изјави Ирена Фрчкоска, адвокатка на оштетената пациентка.

Дамчевски во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување. Иако знаел дека оштетената не е бремена, ѝ правел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.

Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање, тој ѝ признал на пациентката дека таа не е воoпшто бремена.