Затворено рочиште за „Поткуп“: Се слушаат разговори од посебните истражни мерки


Судењето за предметот „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, продолжи денеска во новата зграда на Кривичниот суд со слушањето на разговори од Посебните истражни мерки (ПИМ), без присуство на јавноста.

Слушањето на разговорите од ПИ мерките поврзани со предметот почна на минатото рочиште. Денеска во судницата треба да бидат пуштени 30 разговори обезбедени со ПИ мерки. Интегралната видео снимка за случајот „Поткуп“ нема да биде пуштена и на денешното рочиште бидејќи Апелација се уште не се произнела по забелешката од Јавното обвинителство дека станува збор за ПИ мерки и заради заштита на сведокот.

Заев во придружба на своите адвокати дојде во судот и присуствува пуштањето на разговорите. Тој по завршувањето на минатото рочиштето рече дека во разговорите апсолутно нема никакви докази и оти станува збор за редовни комуникации на тогашен градоначалник со осомниченото лице и сите други лица, како што се директори на институции, граѓани кои се јавуваат кај тогашниот градоначалник на Струмица.

Заев рече дека ги нема изброено сите разговори, но оти се работи за преку 10 илјади разговори, дел се со ПИ-мерки, а дел се без ПИ мерки.

Адвокатите на Заев побараа исказот на сведокот Иван Николов Сачевалиев од претходното рочиште да не биде прифатен како доказ во постапката. Тие сметаат дека судската постапка не може да се базира на неговиот исказ бидејќи тој бил агент провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп. За ова барање Судечкиот совет најави дека дополнително ќе се изјасни.

Зоран Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.