Застрелан возачот на албанскиот министер за внатрешни работи


Во службеното возило, во гаражата на албанското Министерство за внатрешни работи, утрово е пронајден застрелан Шкелзен Ќордја (31), возач на министерот Фатмир Џафај, инаку вработен во Националната гарда.

Како што се наведува во полициското соопштение, утрово во 09:30 часот го пронашле припадници на Национална града во гаражата на Министертвото лоцирана во гарнизонот на гардата. Случајот е во надлежност на Обвинителството за тешки кривични дела.

Според последните информации кои ги пренесуваат албанските медиуми, на местото на инцидентот биле пронајдени седум чаури, со што се отфрлаат првичните претпоставки дека се самоубил со еден истрел во пределот на главата. До телото на возачот пронајден е и пиштол.

Според неофицијални информации, опозицискиот весник „Рилиндја демократике“ пишува дека станува збор за „мафијашко убиство“ кое, како што се наведува, „никогаш нема да биде расветлено“.

Извори од Националната гарда за весникот изјавија дека станува збор за чиста егзекуција на самото место во криминални околности. Можеби во моментов не се соопштуваат детали, сепак станува збор за типично мафијашко убиство за кое сомнежот е директно врз министерот за внатрешни работи и поврзаноста со трговија со дрога, пишува весникот.