Заслужува ли Богов уште еден гувернерски мандат?
Димитар Богов е во трка за нов седумгодишен гувернерски мандат. За многумина тој е очекуван предлог на претседателот Ѓорѓе Иванов. Шефот на државата ја поткрепи поддршката за Богов со наводни двомесечни консултации со двете стопански комори, со банкарскиот еснаф и со академиците, како и со позитивната оценка на Европската комисија за севкупната работа на Народната банка на Македонија со него како гувернер.
Ако се остават настрана политичките причини за евентуален (не)избор на Богов за нов гувернер и се соберат плусевите и минусите во делот на економските политики за кои тој е надлежен, тогаш фактот што успеа да не им подлегне на притисоците за промена на фиксниот курс на денарот, иако доаѓаа од моќни бизнис имиња, се брои на позитивната страна на неговото конто, заедно со одржувањето на ниската инфлација. Ама…
Комерцијалните банки во Македонија им наплатуваат на граѓаните и на фирмите големи провизии. Тоа се оние пари што ги плаќате за услугата што ви ја прави банката кога, на пример, ви одобрува кредит, или за да ви ја деблокира сметката по присилна наплата. Иако Народната банка предводена од Богов се огради од можноста да влијае врз тарифниците на банките, факт е дека не направи ништо за да ја зајакне својата улога во овој сегмент. И, затоа, со години приходите од банкарските провизии се тркаат со оние од каматите.
„Народна банка можеше поумно да одигра и во делот на пласирањето на парите што печалбарите ги префрлуваат во земјава. Во Македонија влегуваат над 1,5 милијарда евра по овој основ, а не се пласираат во развој на економијата“, велат добри познавачи на проблематиката.
Третиот минус оди на сметка на некреативноста на Богов во впрегнување на парите на банките во економските текови. На банките со години им беше најлесно да ги пласираат заштедите во благајничките записи место да бидат поттикнати да го помогнат развојот на стопанството. И во делот за двоцифрените камати на платежните картички, НБРМ ја нема,т.е. воопшто не реагираше изминатите години. А, законите, нели, се менлива категорија.
Во Македонија, исто така, платежниот сервис „Пејпал“ се уште се користи само делумно, иако е масовно употребуван во другите делови на светот.
„И досега можеше да се направи повеќе ама тука се големите играчи во електронската трговија, па работите се такви кави што се“, коментираат нашите извори, сугерирајќи дека конфликти на интереси се во прашање, а не објективни проблеми.
И новата, „блокчејн“ технологија во финансиските трансакции, со која веќе некои земји од соседството им овозможија на своите граѓани да добиваат директно дознаки од странство, без посредници, со многу пониски трошоци, кај нас е сѐ уште непозната појава.
ЕК: Нема напредок во спречувањето на неправедните банкарски практики
Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Македонија забележа дека мерките на НБРМ биле клучни за зачувување на стабилноста на банкарскиот систем во 2015, но дека нема напредок кај заштитата на корисниците и кај спречувањето на неправедни банкарски практики. Потребно е натамашно усогласување со европската регулатива, за да се обезбеди функционална и институционална независност на Народна бенка. ЕК забележува и дека треба да се подобри координацијата меѓу истражувачкиот центар во Министерството за надворешни работи и Народна банка, во делот на фалсификувани пари. НБРМ нема договор за соработка со Европската централна банка за банкнотите и со Европската комисија за монетите. Соработката со странските банки и тела сѐ уште не е регулирана.
Анита Салтировска