Запре откупот на лубениците во Струмичко


Производителите на лубеници од селото Колешино се жалат дека веќе три дена нема откуп. Велат дека никој не прашува за нивните лубеници, а до пред три дена се откупувал само по еден шлепер дневно.

Додаваат дека од утре е најавено лубениците да се откупуваат по три денари за килограм.

– Нам и оваа цена не ни ги покрива ниту основните трошоци. Бараме да продолжи откупот за да не ни остане производството на нивите. Го повикуваме министерот за земјоделство да дојде тука и заеднички да побараме решение, велат производителите на лубеници од селото Колешино, кои и денеска чекаа откупувачи во нивното село.

Додаваат дека ако не се најде решение ќе организираат блокада на граничниот премин Ново Село на македонско-бугарската граница и ќе ги истурат лубениците на коловозот.

Според трговците застојот во откупот и ниските откупни цени на лубениците се должат на студеното и дождливо време, но и на неквалитетниот извоз кој пред неколку денови е вратен од Германија и Чешка, бидејќи лубениците биле зелени.

– Од овие земји се вратија 15 камиони натоварени со зелени лубеници и затоа застана пласманот. Тоа се должи на неискуството и желбата на земјоделците што побрзо да го пласираат производството. Тоа не се случува првпат. Така беше и лани, вели Ацо Стоилков од компанијата “Мак смоларски ној“.

Според откупувачот Благој Витанов застојот во откупот на лубениците се должи и на студеното и дождливо време, бидејќи никој не покажал интерес за струмичките лубеници.

– Од понеделник очекуваме повторно да тргне откупот на лубениците, а откупната цена да биде меѓу пет и шест денари за килограм. Изминативе денови поради студот и дождот никој не ни побара љубеница, вели Благој Витанов.

Тој и другите трговци додаваат дека  денеска е забележано зголемување на откупната цена на доматите на 20 и 30 денари за килограм. Изминативе денови имаше застој во откупот, а цената падна и на пет денари за килограм.

На ваквата состојба реагираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое помогна во откупот со интерветна субвенција од четири денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Оваа мерка ќе трае до 15 јули.