Западно – нилската треска кружи околу Македонија


Досега во Македонија не се појави случај на западно-нилска треска, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако од оваа болест што ја пренесуваат комарци почнаа да умираат луѓе во соседните земји.

Во Србија и Косово од инфекцијата починаа најмалку десет лица. Во Србија досега има и повеќе од 100 заболени. Болеста се појави и во Грција и во Италија. Откако почна сезоната на комарците, во земјите членки на ЕУ се пријавени околу 250 лица, со најмалку седум смртни случаи.

Летово, кај нас имаше двајца сомнителни пациенти, возрасна жена и дете, но лабораториските анализи направени во Институтот за јавно здравје покажале дека немаат западно-нилска треска.

-Во Македонија, од 2011-2015 година, пријавени се вкупно 22 случаи. Од нив, три случаи завршиле со смртен исход. Во периодот 2016 – 2017 година и во 2018 година, заклучно со 15.08, нема регистрирано нови потврдени случаи на западно – нилска треска кај луѓе – велат од ИЈЗ.

Сепак, епидемиолозите не ја исклучуваат можноста да се појави ова заразно заболување, бидејќи комарците што го пренесуваат ги има и кај нас. Западно- нилската треска е присутна во соседството.

-Во нашата држава комарци има, има и типови кои се можни преносители на западно – нилска треска. Сезона е, топло е многу, ги има насекаде околу нас, очекуваме да има заболени и кај нас“, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

За некој да заболи од западно-нилска треска, клучни се три работи: пациентот да е каснат од комарец, тој комарец да е носител на вирусот и и пациентот да е имунолошки подобен за во неговиот организам да се развие вирусот. Карактеристично за болеста се висока температура и исфрланост по телото. Многу ретко заболувањето се карактеризира со менингит (воспаление на мозокот).

Превенција се состои во тоа да се минимизира можноста од каснување на комарец.

Од почетокот на овогодинешната сезона, во Италија има 123 заболени (3 смртни случаи). Во Грција 60 заболени (3 смртни случаи). Во Романија починало едно лице, а има 20-тина заболени. Болеста се појави и во Франција и во Унгарија.

Скопјани подолго време го критикуваат Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов затоа што се доцнеше со прскањето против комарци. Епидемиолозите препорачуваат првото прскање да биде на почетокот на пролетта, пред ларвите да станат комраци. Град Скопје првото прскање против комарци го спроведе во јули. Во јуни прскањето доцнеше, бидејќи тендерот беше поништен, поради сомнение дека набавените препарати се штетни по здравјето на граѓаните.

Превенција

-Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина

-Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти и стари гуми во дворовите во кои може да се собира дождовница.

-Редовно чистете ги олуците за да истекува водата од нив

-Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани..

Заштита од убод  

-Носете соодветна облека која ќе остава што помалку откриени делови од телото (долги ракави, долги панталони)

-Применувајте заштитни средства во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците

-Користете миризливи свеќи, спирали, како заштитни репелентни средства во надворешни услови (градина, двор).

-Користете специјални сијалици, фенери (спржување на комарците), апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците

-Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот

-Одбегнувајте да престојувате надвор во зори или на самрак, кога комарците се најактивни!