Замрзнат имотот на сите обвинети Агрокор


Судот во Загреб нареди замрзнување на имотот на сите обвинети во банкротот на најголемата хрватска компанија Агрокор. Имотот на првообвинетиот поранешен директор на Агрокор Ивица Тодориќ веќе беше замрзнат, а со новата судска одлука се замрзнува имотот на сите 15 обвинети, вклучително и синовите на Тодориќ, Анте и Иван. Обвинетит не смеат да оттуѓуваат недвижен имот или да го оптеретуваат со кредити, блокирани им се сметките во банките, а преку хрватското Биро за хартии од вредност забрането им е да тргуваат со своите акции. Според обвинението, Тодориќ, неговите синови и другите менаџери во Агрокор извршиле серија измами со што предизвикале штета од над 200 милиони евра, доведувајќи го хрватскиот гигант во областа на малопродажбата и трговијата со храна до колапс.