Замина поетот ефенди Матеја Матевски


Ерол Ризаов

Почина големиот македонски поет Матеја Матевски. За животот изгради монументален   паметник  од творештво и уметност кое ги надвишува облаците над Македонија. Го одработи својот последен работен ден во МАНУ, на 89-годишна возраст, и ја затвори со своерачен потпис при здрава памет и дух животната страница со аманет пишуван цели седум децении. Им  остави на поколенијата непроценливо богатство, кое лесно можат да го најдат ако ги отвораат почесто тестаменталните пораки на бдејачот над својот народ. Матеја не бдееше само над Македонија, туку над планетата Земја, над судбината на човештвото. Светот на литературата од поодамна го препозна и го смести меѓу големите  поети и литерати кои не умираат и кога физички заминуваат.

Од прозорецот на една убава куќа во малата уличка во срцето на Стамбол, Матеја Матевски првпат го здоглeдал денот пред 89 години. Во престолнината на три империи  каде се спојуваат водите на три мориња и бреговите на два континента, новиот жител, рожба на гурбетчии од Македонија, уште непрооден трга на вечен пат. Тивкиот сокак во бучниот мегаполис  го има најпоетското име  на овој свет. Се вика „Улицата на стариот цвеќар“. „А, има ли подобро место да се роди поет ако не во домот на цвеќињата на стариот чичекџија“, ќе запише поетот Ристо Лазаров.

По само дваесетина метри сокачето на стариот цвеќар се слева во главната авенија на Истанбул „Истиклал џадеси“, што во превод значи патот на славата, гордоста, напредокот и човештвото. И малото сокаче и големата историска авенија имаат голема симболика и се судбинска  наречница за животот, за творештвото и за благородната личност на Матеја Матевски. По тоа мало и големо џаде, по тој мравјалник тргнал Матевски како вечен патник, обиколувајќи го светот и носејќи ја со себе и Македонија и Река, овековечени во неговата поезија како роднокрајска колективна меморија. Без оглед на кое ќоше на дуњава ќе се родат, или ќе умрат речаните, тие ја знаат секоја педа земја, сите мириси од родниот крај  и кога никогаш не беа го виделе. Течат низ вените на гурбетчиите преданијата на нивните предци за пределите, за планините, шумите, ливадите, потоците, реката, камењата, старите огништа, за роднините, за братучедите, за комшиите, за овците, за кучињата… а кога не  можат да се вратат во Река, тие Река ја носат со себе и во Стамбол, и во Гостивар и во Белград, во Софија и Бесарабија, и во Александрија и во Америка, и во Канада и во Влашко, и во Скопје и на последното ќоше на светот.

На тој долг пат Матеја Матевски  чудесно и само навидум лесно ја носеше со себе меморијата на речани, запишувајќи ја лирски љубовта, радоста, убавото, природното, но и сликајќи ги трогателно големите страдања и несреќи, сиромаштијата, гладот, болестите, војните, исполнетите и изневерените надежи, со една светска меланхолија на поетот, не само филозофска и поетска, туку ептен длабока и мисловна, човечка, без патетика, преточена во универзална литература, во уметност препеана на многу јазици  разбирлива за сите луѓе. Автентичноста на творештвото на Матевски, како и кај сите големи творци не доаѓа од музите и од романтичарскиот вознес, ниту се прави со краснопис, туку од животот, од среќата и несреќата, од радоста и од тагата низ кои не е доволно само искуствено да се помине, страда, преживее, преболи и непреболи… Не е доволно да се примат тие тешки удари, мора  да се преточат како екстракт, како катран, отров и лек, од нарежан афион, впиени во мугри длабоко во душата, а потоа како живи зборови да се наредат во мозаици и минијатури истргнати од сликите на големите холандски мајстори  во сликарството, или поарно кажано, како фрескописот на мијачките мајстори.

Тоа редење на камчињата и најтенките нијанси на чудесните бои кои ги нема ни во природата, или ги има ама не можат сите да ги видат, се недостапни за овоземните луѓе. Нивното откривање ги одвојува големите творци кога сето тоа ви го прават видливо и ви изгледа многу познато, препознатливо, како ваш ракопис, како радосно откритие што ви недостасува со децении во вашата голема слика, а ете било толку лесно. Тоа совршенство на едноставноста во стихови и стихови, во песни и песни, во книги и книги, во океанот зборови и зборови, таа препознатливост и идентификација преку уметност со судбината на милијарди луѓе на Земјината топка ги одделува литерарните  колоси.

Ако Блаже Конески е национален мислител, кој, според Матеја, му ја кажал на светот како никој досега „суштината на македонското битие, јазикот и културата“, ако Анте Поповски во трепетот на ѕвездите ги слушал македонските воздишки и патила, тогаш Матеја Матевски е човекот кој влезе од 20 во 21 со веќе напластениот тежок багаж и грижа над судбината на светот, која поетот ја носеше  без замор и без драматични тажалки и плачки, туку со длабоки мисловни пораки до човештвото. Матеја го изоде долгиот пат до светски поет и таму престојува сосема природно. Таму му е местото.

И сега зошто Матеја е  голем ефенди. Тоа го појасни во една пригода неговиот пријател, писателот Фахри Каја, кој го именува како ефенди од Стамбол, но не поради тоа што Матеја е роден во Истанбул, туку затоа што зборот ефендиос со грчко потекло на турски јазик попримил повеќе значења, па ефенди не е само господин, туку човек на кого му се верува, учен, воспитан, чист, убав, умен, мудар и чесен. Тоа беше Матеја Матевски, тоа и ќе остане во спомените на неговите пријатели. Творештвото му останува за сите и за навек.