Заканувачки телефонски повик до Коѕијас: Ќе те егзекутираме


Заканувачки телефонски повик добил денеска поранешниот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕиајс поради неговиот предлог за контрола на тајните фондови, соопштуваат од неговото движење „Прато“.

Радиото „Њуз247“ откри дека непознат маж му порачал на Коѕијас дека ќе биде егзекутиран.

– Познатите – непознати, парадржавата на политичкиот живот, денеска телефонски му се заканија на Никос Коѕијас, само неколку часа по неговиот предлог за контрола на тајните фондови на сите министерства, како што е Министерството за одбрана, за внатрешни работи, а особено Националната разузнавачка служба, соопштуваат од „Прато“ и додаваат дека „претседателот на движењето не се уценува и не се плаши“.

Паралелно ги повикуваат полициските и судските власти итно да реагираат и да ги уапсат оние кои стојат зад заканите кон Коѕијас.

Со став за заканувачкиот повик до поранешниот шеф на грчката дипломатија излезе и Алексис Ципрас, кој на официјалниот Твитер профил на премиерот на Грција рече дека заканите се уште еден доказ за тоа каде води слепиот национализам и негувањето на омразата.

-Никос Коѕијас посветено и решително ѝ служеше на татковината како министер за надворешни работи и никој, под никаков изговор, не може да го оспори неговиот патриотизам, а уште повеќе со фашистичка храброст и кукавичлук да се заканува по неговиот живот, напиша Ципрас на Твитер.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција и лидер на движењето „Прато“ и во минатото беше мета на закани како по неговиот, така и по животите на членовите на неговото семејство. Освен заканувачките писма и повици, Никос Коѕијас добил и куршуми и земја со крв.