(ВИДЕО) Заев негативен на корона вирусот


Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека тестирањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев покажало дека тој е  негативен на корона вирусот. Се продолжува согласно препораките за сите, односно тој треба да остане во дополнителна самоизолација една недела. Сите што имале контакт со Заев и со Христијан Мицкоски не се во никаков ризик и не треба да се тестираат, изјави Филипче.

Министерот нагласи дека тестовите биле брзо направени не заради некакви политички приоритети, туку бидејќи имаат многу контакти како политички лидери.

-Тие се експонирани многу во јавноста, имаат интензивни контакти со многу луѓе, со претставници на институциите, со министри во Владата. Тука не станува збор за политички приоритети туку за заштита на функционалноста на институциите, за заштита на државните интереси, посебно во вакви моменти на криза. Тоа се луѓе кои имаат интензивни контакти и со претставниците на медиумите и во таа смисла една од целите беше да се заштитат и претставниците на медиумите каде и двајцата лидери често гостуваат, рече Филипче.

Телевизијата Канал 5, чиј новинар правеше интервју со двата лидери, е дезинфицирана, четири новинари се ставиле во самоизолација и за неа ќе се применат мерките како и за сите институции. Таму денес и утре интензино ќе работат од Институтот за јавно здравје.

На забелешката дека тестот може да биде лажно негативен во рокот од 14 дена, а од интервјуто има помалку од една недела, Филипче рече дека периодот на инкубација е од најмалку два, па до 14 дена и во тие рамки може да се развијат симптоми. Важна е и клиничката слика, а поради тоа што станува збор политичари со многу контакти , вклучувајќи и контакти со преставници на медиуми, сметале дека треба веднаш да го направат тестирањето на двата лидери.

На прашањето што ако корона вирусот ја зафати Владата, Филипче рече дека уште на почетокот на март разгледувале такви сценарија, во смисла кој би раководел со државата, но посочи дека е широк системот на министри и заменици…со уверување дека и во такво сценарио – институциите ќе продолжат да работат.