Заев: Mакедонско-грчки порив за решавање на името мора да успее


Немаше подобар момент да зборувам за отвореното општество отколку што е актуелниот миг на нашата општествено политичка стварност. Овие денови сме исправени пред пресудни чекори да го решиме 25-годишниот спор за името. Се соочуваме со овој предизвик за Македонија и граѓаните да одат напред. Со граѓаните на нашата земја зацртавме дека 2018 ќе биде година на силни реформи и дека Македонија ја носиме во ЕУ, а со тоа Европа ја носиме во Македонија, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање на конференцијата по повод 25 години Фондација Отворено општество Македонија насловена: „Има ли шанса отвореното општество во Македонија“.

Тој истакна дека со енергијата посветена на отворените прашања со соседите, со потпишувањето на Договорот со Бугарија и со продлабочувањето на релациите со Грција ја сменивме перцепцијата за Република Македонија. Со пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција кое наспроти сите овие очекувања го изградивме за време на овој деликатен и чувствителен процес решаваме спор за да го засилиме, зајакнеме достоинството и идентитетот на граѓаните на двете земји.

-Регионот не смее да си дозволи нов циклус на враќање назад. Затоа овој заеднички македонско-грчки порив за решавање на 25-годишниот спор мора да успее. Ова е борба во која на темелите од минатото ќе изградиме просперитетна иднина. Свесни сме дека светот внимателно ја следи оваа наша заедничка иницијатива. Благодарен сум на поддршката од меѓународната заедница, на сите наши пријатели што даваат личен ангажман за да успее оваа историска можност за нашите држави, за регионот и за Европа, рече премиерот Заев.

Според него, отвореното општество има шанса во Македонија и сите ние треба силно да се вложиме и да ја искористиме.

-Во тој дух Владата на Република Македонија ќе продолжи максимално посветено и фокусирано се до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народа никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави. Премногу е важна иднината за да го препуштиме просторот на затворената и темна алтернатива. Мораме силно да се спротивставиме на поделбите, популизмот, изолацијата, на менталитетот дека сите ни се непријатели. Премногу е важно на граѓаните да им биде јасно дека изборот не е меѓу левата или десната политичка опција, туку меѓу отвореното и затвореното општество, порача премиерот Заев, честитајќи во воедно 25-годишниот јубилеј на ФООМ.