Заев: 2018-та ќе биде година на најважните правосудни реформи


На Република Македонија и треба силна, независна и професионална судска власт која нема да потклекнува под каков било притисок од Владата, Собранието, политичките партии, или кој било друг центар на политичка моќ, порача премиерот Заев на конференцијата „Зајакнување на квалитетот на правдата во светло на правосудната реформа“, која по повод Денот на правосудството ја организира Здружението на судиите, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Заев, како што информираат од неговиот кабинет, во своето обраќање истакнал дека е апсолутен застапник на концептот за почитување на интегритетот на судиите и за нивната самостојност и независност.

– Тие самите, низ својата пракса да ги препознаваат можностите за нивно усовршување, како и да ги препознаваат застранувањата и за нив да разговараат и да ги отстрануваат со помош на механизмите внатре во правосудниот систем, рекол Заев потенцирајќи дека Владата што тој ја предводи секогаш ќе ја поддржува строгата поделба на трите столба на власта: законодавната, извршната и судската.

Премиерот, кој воедно е и претседател на Советот за следење на имплементацијата на реформите во правосудството, нагласил дека граѓаните очекуваат, судиите да ги исполнуваат високите стандарди на интегритет, независност и непристрасност, бидејќи во спротивност довербата се разнишува и до израз доаѓа вознемиреноста на јавноста.

– Тоа е така, затоа што корупцијата му нанесува сериозни штети на интегритетот. Ги поткопува самите темели на демократската држава регулирани со владеењето на правото. Како резултат на тоа, системот и институциите почнуваат да се распаѓаат и да ја губат својата суштествена улога, порачал Заев.

Посочил дека во минатото Република Македонија се соочила со една таква состојба, но прогресивните сили на општеството го запреле процесот и застанале на позицијата дека судството мора да биде ослободено од стегите на политиката и дека неговата независност мора да биде признаена и загарантирана од сите гранки на власта.

Заев, истакнал дека 2018 ќе биде година на најважните правосудни реформи откако Македонија е држава кандидатка за членство во ЕУ.