Заев: Ќе се стимулира побарувачката на тутун и ќе се стабилизира прилепскиот комбинат


Откупот на тутунот се одвива непречено, без проблеми. Реколтата е квалитетна и досега е постигната просечна откупна цена од 209,5 денари и заедно со субвенцијата која во рокот ќе се исплати, тутунарите во просек од годинашнава реколта ќе добијат 269 денари или 4,4 евра, што се достоинствени приходи.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев кој со министерот за земјоделство Љупчо Николоски, со земјоделскиот инспекторат и со надлежните во откупот на тутунот беше на терен во посета на откупните пунктови на „Сокотаб“ во кривогаштани и на градскиот пункт на прилепскиот тутунски комбинат.

– Од разговорите со земјоделците ова е убава година за земјоделците, главно поради високиот квалитет на родот. Со просечната цена од 209,5 денари и субвенцијата од 60 денари тутунарите годинава стигнаа до просечна вкупна цена Од 269 денари што е достоинствен приход. Земјоделците велат дека од десет хектари колку што во просек произведуваат и со просечни 1.600 килограми по хектар, тоа е 7.000 евра приход за тутунарите. Просекот по семејства кои рааботат е 7-8 декари и околу 5.000 евра приход, што е многу битно зашто од тутунот во земјава живеат 30.000 семејства или околу 100.000 жители, рече Заев.

Тенденција на Владата е да се зголеми побарувачката на тутунот што ќе ја зголемува и цената, да има поголема конкуренција, а се најавува за новата реколта и да се стабилизираат состојбите во прилепскиот тутунски комбинат.

– Најбитно е со Владата да продолжиме со продуцирање на трендот на побарувачката за тутун. Мора да отвориме нови перспективи за тутунскиот комбинат, кој ќе има иднина преку отворање на постапките за негова трајна трансформација и ќе ги зголемиме количествата на откуп, но и на финалниот производ. Во земјава влегуваат и нови компании. Фирмата „Мисиријан“ од Грција од март ќе почне да склучува договори за новата реколта тутун. Отворија фирма „Мисиријан доел“ во Струмица. Ќе откупува и во Прилеп. Тоа значи зголемен број откупувачи и зголемена побарувачка на тутун што ќе ја зголемува и цената, рече Заев.

Заев најави дека в година ќе има измени и дополнувања во Законот за тутун, што значи ќе се воведува мотивирачкиот пораст на субвенциите.

– Измените ќе важат за новата реколта и тоа, по 80 денари за прва, 70 денари за килограм тутун од втората класа, а за третата и другите класи останува субвенцијата од 60 денари. Тоа ќе го стимулира квалитетот на производството што пак ќе ја зголемува и побарувачката. Што се однесува до откупните цени по класи, досега диспаритетот помеѓу прва, втора, трета класа е голем. Затоа ќе има јавна дебата за намалување на разликата во цените на класите, а воедно ќе се вложува во системите за наводнување за да се опфатат поголеми површини, рече Заев.

Според него, годишно владата издвојува по десет милиони евра за системите за наводнување, така ќе биде и со наредниот буџет каде се предвидени средствата, а тоа ќе доведе зголемување на производството и до 30 насто.

Според земјоделскиот инспекторат до саботата, 23 декември, во земјава се откупени 17.140 тони тутун по просечна цена од 209,5 денари.