Заев ќе се руши со еден митинг


 

Во ВМРО-ДПМНЕ се премислија. Најавените протести што требаше да траат до уривањето на „ненародната власт“, се претворија во еден и единствен митинг пред Владата, дознава „Независен весник“. Опозицијата смета дека на тој начин, преку одржување грандиозен протест со присуство на десетици илјади граѓани, ќе се испрати посилна порака до станарите на „Илинденска“ и до целокупната јавност дека вака повеќе не оди, отколку со секојдневни излегувања на улица, кои набргу би издишале. Прашање е и на колку луѓе би можело да се смета во таква ситуација, имајќи ја предвид слабата посетеност на протестите по апсењата за ланските случувања во парламентот, одливот на нелојалните симпатизери, внатрепартиските поделби, периодот на консолидација по заминувањето на Никола Груевски, но и намалените средства и неможноста секојдневно да се организираат автобуси од внатрешноста.

Тоа е единствената работа за која раководството на ВМРО-ДПМНЕ донело конечна одлука. За сите останати работи, како што се мотото, говорниците, агендата, па и датумот ќе се разговара по првомајските празници. Во најголемата опозициска партија се децидни дека причини за протест против владата на Зоран Заев има стотици. Всушност, според нив, тешко е да се најде една добра причина да не се протестира против неа.

Теми има еден куп, 10 месеци потрошивме и мора да ѝ се стави крај на оваа влада, која е најлошата во историјата на Македонија. Имаме чистки во јавната администрација и претпријатијата, политички реваншизам и апсења на пратеници и неистомисленици, расипништво со државни пари, зголемено ниво на криминал, нереализирани реформи, насилно изгласување на Законот за јазици, контроверзниот договор со Бугарија, тајни преговори со Грција без поставување црвени линии, задолжување од преку 1,5 милијарда евра, пад во градежништвото, партизирано судство, неисполнети ветувања за 500 евра просечна плата и уште многу други работи. Единствената добра работа што ја направија е пуштањето на автопатот Демир Капија-Смоквица што ние го изградивме“, коментираат во „белиот дворец“.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред петнаесетина дена поднесе интерпелација во Собранието за гласање недоверба на Владата, која не помина. Со неа беше ставен крај на тримесечниот бојкот поради апсењата за случувањата од 27 април минатата година. По доаѓањето на челната позиција, Христијан Мицкоски и неговите помошници се обидоа и успеаја да ја „одмрзнат“ вратата што европските и светските челници ја поставија поради авторитетното владеење на Никола Груевски. Беа остварени и неколку средби со лидерот на СДСМ, а двете пратенички групи соработуваат кога се во прашање реформските закони. Сепак, дел од членството во ВМРО-ДПМНЕ бара поенергичен отпор кон структурите на власта, па ако треба и блокирање на институциите и напуштање на собраниските клупи.

Многу брзо, веќе од мај, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поведе народот на улица. Ќе излеземе на протести кои ќе траат сѐ додека на предвремени парламентарни избори не ја урнеме оваа ненародна власт. Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат. Од СДСМ дојдоа на власт со тепање, бојадисување и кршење на законот и во тој стил продолжуваат со преседани што секако ќе им се врати“, изјави Мицкоски пред еден месец.

Во моментов, партијата се трансформира и реорганизира, се избираат претседатели на општинските комитети, а паралелно се работи и на изготвување на новиот статут, кој беше услов за помирување со „реформското крило“. Со пратениците Илија Димовски и Антонио Милошоски, кои се налутија поради фаворизирањето на Мицкоски за наследник на Груевски, ситуацијата е стенд-бај, но е каде-каде позадоволителна во споредба со „фракционерското крило“, кое го предводат Филип Петровски и Јове Кекеновски. Официјалниот партиски став е дека во партијата се почитуваат секакви мислења и ставови, дебатата е добредојдена, но сѐ до оној момент додека не се заземе конечен став.

Нашиот политички непријател е СДСМ и актуелната неспособна Влада. Секој што мисли дека може да помогне е добредојден“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Горан Адамовски