Заев: Ќе се намалат тарифите на извршителите


Владата формира работна група која треба да изготви законски измени за намалување на трошоците во структурата на извршните решенија. Како што соопшти денеска премиерот Зоран Заев, предвидено е постојните 42 тарифи во извршителските служби да се намалат на десетина, да се отстранат дополнителните адвокатски трошоци, а побарувањата за комуналните услуги да ги наплаќаат самите претпријатија.

„Секој треба да се откаже од нешто, зашто Владата и службите, извршителите и нотарите, постојат и работат заради граѓаните и треба да се има чувство за нивната социјална состојба“, рече Заев, додавајќи дека од еден дел од своите приходи треба да се откажат и нотарите и државата.

Пратеници на позицијата и опозицијата покренале иницијатива за изготвување законско решение за отпишување на каматите за струја за голем број граѓани кои имаат проблеми со стари долгови, за кои имаат, како што рече премерот Заев, огромни камати.

„Утре го имам првиот работен состанок со тие пратеници и претставници од институциите во државата. Ќе се обидеме заедно да помогнеме преку одредено откажување од каматите на соодветни институции, вклучително и приватни, и со државна интервенција да им помогнеме на граѓаните“, потенцираше Заев.

За координирање на работната група е задолжен потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во неа учествуваат претставници од ресорите правда, финансии како и од труд и социјална политика.