Заев: СЈО треба да продолжи со Јанева и досегашниот тим


Важно е да обезбедиме кристално чисти избори, со оглед на тоа што нашиот кандидат е фаворит, ама опозицијата мора да добие шанса за фер натпревар, изјави премиерот Зорна Заев по средбата со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, вечерва во владата. Тој изрази задоволство што дијалогот почна. Најави дополнителен мониторинг на изборниот процес, со поголема вклученост на опозицијата.
За реформските закони рече дека разговарале за реформите во разузнавачкиот систем. За СЈО кажа дека треба да продолжи со работа на чело со Катица Јанева.
-За ова СЈО сите гласавме во 2015 година. СЈО ќе се вгради во јавнообвинителскиот систем на земјата, но за тој процес треба да се испочитуваат одредени рокови. Знаеме дека кампањата почнува на 1 април и дотогаш треба да имаме изградени и усогласени ставови за сите реформски закони, изјави Заев.
Рече дека ја отворил и темата за помирувањето, посочувајќи дека членството во ЕУ е аспирација на сите партии.
-Верувам дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство за СЈО. Моја искрена желба е тоа да биде со консензус. Ако нема консензус, како влада ќе направиме се, во рамки на можностите, за да се постигне потребното мнозинство, рече Заев.
Рече дека воопшто не било отворено прашањто за предвремени парламентарни избори и дека тој циклус треба да се одржи во редовниот термин – во 2020 година.