Заев: Стечајот на Фени контролиран, за рестартирање на фабриката


Стечајот на Фени е контролиран, за рестарт. Тоа го знаат и вработените и транспортерите и потенцијалните нови сопственици кои се вкупно четири. Тие знаат дека конечната постпака ќе заврши најбрзо што може, а веројатно ќе биде избран оној што ќе исплати најголем процент од обврските и ќе гарантира посериозен прогрес и развој на фабриката, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Одговорајќи на новинарски прашања, Заев потенцира дека Фени има големи перспективи, а се надева и на отворање нови производствени капацитети за финализација на производите од никел, но, тоа, рече, останува по изборот на доверителите.

– Добро е што цената на феро-никелот расте на берзата. Тоа го знаат и вработените и граѓаните, само апелирам да не дозволат некој да ги мотивира да се прават несоодветни работи зашто процесот е комплетно контролиран. Државата е овде да асистира. Ние ги најдовме сите инвеститори. Се работи за компанија од Бугарија, фонд од Швајцарија, мултинационална компанија со Франција и уште една од Британија. Џинови компании се, потенцира Заев и додаде дека Фени е многу значаен за државата зашто во него работат преку 850 луѓе што, пак, индиректно значи 4.000 семејства.

– Фени е извозно оритенирана, а производството е апсолутно домашно. Нема да дозволиме буквално ништо да мрдне од колосекот на идните перспективи на Фени, подвлече Заев.

Според него, измените на Законот за персонален данок на доход нема да значи дополнително оптоварување за земјоделците.

– Конечната тенденција е граѓаните кои работат земјоделство со вкупен приход до еден милион денари да бидат ослободени од персонален данок. Ќе добијат даночна пријава, ќе се уплати два отсто од данокот и ќе им бидат вратени парите веднаш по крајот на годината и пријавувањето на вкупниот годишен приход. Тоа ќе значи дополнителни четири до пет милиони евра назад кон земјоделците, сума која ќе им се најде во севкупната поддршка за нивниот развој, објасни премиерот, дополнувајќи дека деновиве ресорните министри или тој самиот ќе ги соопштат деталите.

Се што ќе се случува, нагласи, граѓаните треба да знаат.

– Се работи за реформа во делот на наплатата на персоналниот данок на доход за сите граѓани. Сакаме граѓаните со вкупен приход до еден милион денари да ги видат своите повластици зашто тоа се земјоделци со основна дејност, живеат од производство на храна. Досега, земјоделците кои имаа до 300.000 денари годишен приход беа ослободени од плаќање данок. Деталите ќе ги оставам на стручните служби, рече Заев.

На прашањето дали има индиции дека на депонијата Дрисла се гори радиоактивен отпад, Заев беше дециден дека нема, а ако евентуално постојат такви работи, како што нагласи, веднаш ќе се интервенира.

– Не станува збор за никакви радиоактивни или недозволиви штетни работи кои се на штета на граѓаните. Градоначалникот на Скопје со правните тимови ги прави сите анализи на договорот и е должен да ме информира, зашто се работи за странска инвестиција. Ние досега сме имале информации повеќе преку медиумите за што немавме увид во архивите на Градот Скопје. По таа анализа ќе им го соопштиме на граѓаните правно-формалниот дел, истакна Заев.