Заев со апел до турските бизнисмени за инвестирање во Македонија


Постојат можности за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Турција. Нашата цел е за неколку години трговијата со Турција да биде една милијарда евра. Ова вечерва го истакнал премиерот Зоран Заев пред турските бизнисмени, на вечерата во Анкара, организирана од ТОББ (TOBB) – Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

Премиерот Заев од вечерва ја почна официјалната посета на Турција, во чии рамки треба да се сретне со највисоките претставници на тамошниот државен врв.

-Тука сме да пренесеме отворена покана за инвестирање во Македонија. Свесен сум дека мојата земја ќе има напредок ако се развиваат приватниот сектор и инвестициите.Постои амбиент за инвестирање во Македонија. Со околу 35 инвеститори сме во преддоговор, со 10 имаме потпишано договори, а има стотици заинтересирани, потенцирал Заев

Македонскиот премиер,како што соопштува Владата, нагласил дека Турција е шеста држава по големина на инвестиции во Македонија и оти 456 милиони евра е трговската размена. Порачал дека со перспективите за поголема соработка, може да има и поголем профит за компаниите и нови работни места за граѓаните на Македонија.

Заев посочил на еднаквиот третман што го има новата Влада кон странските и домашните инвестиции, олеснувањата кај данокот на добивка и персоналниот данок, годишниот буџет од 55 милиони евра за секоја инвестиција во домашното стопанство. Како области за продлабочување на соработката, тој ги навел земјоделството, енергетиката, градежништвото.

Премиерот Заев, како што се наведува во соопштението, рекол дека правна регулатива за соработка меѓу двете држави има, но ќе има унапредување на постојните договори, како тој за слободна трговија. Тоа е едно од очекувањата на бизнис заедницата во Турција.

Потпретседателот на ТОББ Фаик Јавуз порачал дека Турција и Македонија се големи пријатели и оти тие како граѓани и како бизнис заедница ја поддржуваат нашата држава во нејзиниот развој.

– Има околу 100 турски инвестиции во Македонија, но има уште многу што да се направи. Македонија се наоѓа во срцето на Југоисточна Европа, цели кон ЕУ, работи на тој пат, тоа значи отворен пазар и од 650 милиони луѓе, истакнал Јавуз, охрабрувајки ги бизнисмените за инвестиции во нашата држава.

На средбата се обратил и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, кој најавил максимална поддршка за зголемување на економската соработка. Заинтересираните бизнисмени на премиерот Заев му доделиле плакета како благодарност за отворената соработка.