Заев се чуди кој да биде министер, пациенти се чудат зошто немаат лекови
Кога ќе има министер за здравство за да знаеме кого да прашаме зошто шест месеци го немаме потребниот лек, велат од Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретки болести „Вилсон Македонија“, откако одговор не добиле ниту преку архивата на Министерството. Тие се едно од здруженијата кое од поодамна укажува на состојбите во здравството, но веќе и јавноста почна гласно да негодува зошто уште нема министер.
Иако Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека „е прашање на денови“ кога ќе се објави името на новиот предлог за министер, првото столче во ресорот клучен за здравјето на граѓаните е празно и два месеци по локалните избори, на кои Арбен Таравари беше избран за градоначалник на Гостивар.
-Не знаеме дали тоа што нема министер е причина или не е, но ние воопшто немаме лек веќе шести месец. Ги потрошивме и залихите, па сега се снаоѓаме кој како знае. Не ни е познато ни до кога ќе трае ваквата состојба оти одговор не добивме. Се обративме до Министерството околу 20.ноември, но не знаевме до кој да го напишеме барањето, па го оставивме во архива. И минатата година имаше доцнење, но не толку долго – вели Маја Алексиевска Димиќ, претседателка на Здружението.
Станува збор за лек кој помага да се исфрли бакарот од организамот. Во спротивно, кај пациентите со Вилсон, бакарот се таложи во црниот дроб, мозокот и очите и доаѓа до фатални последици. Лекот е доживотна терапија и не смее да се прекинува, ниту има замена за него. Го користат 20-тина пациенти во Македонија.
– Треба да сме свесни дека нашите лекови не смеат да зависат од кадровски промени, ако е тоа причината. Ни останува само да се надеваме дека проблемот брзо ќе се реши – велат од „Вилсон Македонија“.
За други здруженија, закочени се претходно планирани активности. На пример, во измени на закони за кои се почнати преговори, во застој на комуникацијата со лекарите за секојдневните проблеми, а дополнително е што без потпис од министер не може да има и нови вработувања.
– Ние очекуваме да се постави министер за здравство бидејќи имаме одредени делови од програмата кои треба да ги реализираме, а зависат од Министерството за здравство – вели Бранимир Јовановски, претседател на „Мобилност“, национален сојуз на лицата со телесен инвалидитет.
Сега, работата на министер безмалку ја врши заменикот министер Гоце Чакаровски. Тој се појавува на прес конференции и на јавни настани. Чакаровски изјавуваше дека тој има финансиски и организациски ингеренции и континуирано се работи на надминување на постоечките проблеми.
Министер за здравство нема поради партиските комбинаторики за тоа кому да припадне овој ресор. Алијансата на Албанците го предложи Вулнет Ферати, но досега нема конечна одлука кој ќе го води Министерството за здравство.
С.С.З.
Што изјавуваше премиерот
15 ноември: „Почнавме разговори со коалиционите партнери, се надеваме дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Сите опции се отворени, во моментов ниту јас знам кое ќе биде името, од која политичка партија, кој ќе биде избран од кандидатите“.
25 ноември: „Се работи за многу сериозен ресор. Реков дека до крајот на месецот ќе гледаме да ги донесеме одлуките. Десет дена откако се официјално прогласени изборите за завршени, интензивно преговараме. Секој момент го користам, час поскоро или ден поскоро да го избереме и ова министерско место и да го пополнме испразнетото министерско место за странски инвестиции, како и заменик министерот кој стана градоначалник на Чаир“.
30 ноември: „Граѓаните го очекуваат новиот министер за здравство. Ние сме на крај на разговорите со коалициските партнери, а се надевам дека во прашање се само денови додека го објавиме и името на министерот, но и да ги пополниме другите испразнети места, заменик-министер и министер без ресор и да ги комплетираме раководните структури на извршната власт“.