Заев се извини за лапсусот на комеморацијата за депортираните Евреи


Премиерот Зоран Заев на вечерашната комеморативна свеченост по повод 76-годишнината од депортацијата на македонските Евреи направи лапсус и наместо трагедија, рече традиција, пишува порталот Фокус. По ова, тој се извини на Фејсбук.

-Во моето обраќање на денешниот настан по повод одбележувањето на 76 години од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка и официјалното отворање на музејската поставка во Меморијалниот центар на холокаустот, направив ненамерна грешка.

Имено, во делот од говорот кој гласи: „Холокаустот не е само еврејска трагедија, ниту само една темна страница од Втората светска војна. Со сиот свој ужас, овој геноцид е предупредување и лекција за сите нас, од сите вери, за сите времиња“, наместо зборот „трагедија“, ненамерно го искажав изразот „традиција“.

Секако се работи за ненамерен лапсус, грешка заради која изразувам извинување.

Уверувам дека моето обраќање во целина и недвосмислено го одразува духот на осуда на геноцидот врз еврејскиот народ и на сочувството со семејствата на жртвите на холокаустот.

Грешката не е објавена на веб страницата на Владата за да не повреди ничии чувства,  напиша Заев.