Заев: Прифаќаме географска одредница за името


Ние сме подготвени на географска одредница за името. Во име на успехот на преговарачкиот процес со Грција за спорот со името, нема да коментирам повеќе“, рече премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција во Владата. Ова е прва изјава на македонски функционер и тоа претседател на Влада, во кое јавно се прифаќа менување на уставното име на Република Македонија.

Неколку часа претходно, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, побара од „Скопје“, конечно да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните. Тој тврди Атина веќе го подготвува теренот за Грците да го прифатат сложеното име и коментираше дека од другата страна не постои иста таква подготовка.

Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот ‘Македонија’. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Ние го подготвуваме јавното мислење и секако, како што гледате, тоа си има и потешкотии. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува“, изјави Коѕиас во интервју за „Еуроњуз“. Во однос на одредницата и сложеното име, Коѕијас објаснува дека грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.

Покрај името, Владата во Скопје одлучи, како гест на добра волја, да го смени и името на аеродромот „Александар Велики“ во „Меѓународен аеродром Скопје“, како и автопатот „Александар Македонски“ во „Пријателство“.

На прес-конференцијата со првиот човек на европската делегација во Македонија, Самуел Жбогар, Заев изјави дека е оптимист за изнаоѓање решение за спорот што Грција го има со нашето уставно име.

Остануваме посветени во мерките за градење доверба и олеснување на проблемот. Челниците на Унијата најавија дека членство е можно само доколку се решат отворените прашања“, истакна претседателот на македонската Влада.

Говорејќи за оценките што водството на ЕУ ги даде при вечерашното соопштување на стратегијата за Балканот, тој рече дека тоа е важен момент за нас, констатиран е значителен напредок и изразена е подготвеност да се препораака за почеток на преговорите за членство. Смета дека ЕУ препознала оти Македонија се движи на вистински пат и оти ќе се обидеме да ги стигнеме Црна Гора и Србија, кои веќе ги започнаа преговорите за членство во унијата.

Тоа е поттик и охрабрување уште понапорно да работиме. Сакам да нагласам дека овој успех е заеднички на целата држава, на институциите, на политичките партии, на заедниците и на граѓаните. Уште еднаш ги повикувам пратениците од Собранието, претседателот на државата, опозицијата и сите институции максимално да се вклучиме во процесот на реформи“, апелираше Заев.