Заев побара поддршка за датум од шведскиот премиер


Премиерот Зоран на самитот во Софија имаше средба со шведскиот премиер Стефан Лофен на која тој го изразил задоволството од блиските политички односи и од взаемното разбирање меѓу двете земји, преточено и во Декларацијата за соработка меѓу Кралството Шведска и Република Македонија, како и со обновените договори за билатерална асистенција на Кралството Шведска за нашата земја.

Премиерот Заев го запозна премиерот Лофвен со актуелниот политички момент во Македонија и истакна дека Владата е мотивирана со силна политичка волја да ги спроведе докрај реформите за владеење на правото, за независни и функционални јавни институции во служба на граѓаните и во создавањето услови за слободни медиуми.На средбата е потенцирано дека исклучително позитивните чекори што Република Македонија ги практикува во односите со соседите, низ отворен дијалог, посветен на градење на мостови на доверба и на взаемно почитување, ќе даде резултати и во тековните разговори по прашањето на името со Република Грција.

Двајцата соговорници се согласија дека после неусловената препорака за предпристапни преговори на Европската Комисија за Македонија, очекуваната одлука за датум за старт на преговорите со ЕУ, што треба да ја донесе Европскиот Совет во јуни, ќе биде новата движечка сила за имплементација и за приоретизирање на реформите во нашата земја.

Премиерот Заев истакна дека поддршката од Кралството Шведска на Европскиот Совет на ЕУ, да утврди датум за преговори ќе спречи стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот, и нестабилност во регионот.