Заев: Пендаровски е безбеден, утврдено е дека го сликале каква кола има и вози


Премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев истакна дека консензуалниот претседателски кандидат Стево Пендаровски е безбеден со оглед на тоа што тој изјави дека го следат одредени служби.

„Пендаровски е безбеден. Утврдено е дека се работи за сликање за докажување каква кола всушност има и вози. Верувам дека сите граѓани во Република Северна Македонија треба да се чувствуваат безбедни“, изјави Заев.

Како што информираше Пендаровски, тој вчера во попладневните часови во СВР Скопје поднел пријава на записник и чека надлежните служби во наредниот период да го одработат тоа што треба.

„Ако ме прашавате што јас знам повеќе за тоа – не знам“, изјави Пендаровски и ги упати новинарите на изјавата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој на седница за пратенички прашања при крајот на јануари зборувал за следење на јавни личности, па дури, посочи Пендаровски, на великодостојници на МПЦ од некои параструктури.

„Можеби тука лежи одговорот. Меѓутоа, јас тоа не го знам“, додаде Пендаровски кој има впечаток дека е следен и, како што рече, чека официјален орган да му каже дали е тоа точно и, се разбира, дали само тој е цел на следење.