Заев од Гевгелија: Сите ќе се радуваме на историската одлука


Сите ќе се радуваме на историската одлука која доаѓа пред нас, на 30 септември. Сите сме свесни пред колку исправна одлука сме соочени и дека оваа чест е токму на нашата генерација. Убеден сум во нашиот народ, дека имаме горд, одговорен народ и дека ќе води грижа и за својата Македонија, но и за своите деца и поколенија кои доаѓаат по нас.

Ова на трибина од Гевгелија на коалицијата „Излези за Европска Македонија“ го изјави премиерот Зоран Заев.

– Точно е дека направивме компромис. Ама компромисот го движи светот. Компромис правиме секој ден, сите, на работа, дома… И вистината за договорот е целосно обелоденета и не треба да бегаме или да се криеме од неа. Затоа што имаме фер и праведно решение. Знае Гевгелија и знае цела Македонија дека од историскиот регион Македонија, ние сме северниот, горниот дел. Учевме во учебници, дедовци, прадедовци ни кажуваат така, посоли Заев.

Говорејќи за придобивките од договорот со Грција, Заев рече дека е најдобар, фер и правичен. Потенцира дека со него знаевме што треба да зачуваме и да ги постигнеме сите цели за кои се бореле нашите прадедовци.

– Добивме земја признаена од целиот свет, јазик, идентитет и создадовме пријатели од непријателите и токму тие сега се залагаат за Македонија интегрирана во Европа. Заслужуваме да бидеме дел од Европа на која чекаме 27 години. Треба ли да чекаме уште толку, запраша Заев и повика да не губиме повеќе ниту ден оти ја имаме привилегијата да бидеме интегрирани во ЕУ и НАТО.

Заев посочи дека и во 1991 година не било лесно да се донесе одлука и дека овој референдум е исто така важен затоа што сега треба да ја осигураме нашата земја интегрирана во ЕУ и НАТО и да направиме европски живот овде во Гевгелија и во нашата Македонија.

– Немало митинг во Гевгелија да не дојде политичар и да вети европска иднина за Македонија. Еве ни ја шансата на дланка сега и верувам дека ќе ја зграпчиме заедно. Верувам во својот народ и убеден сум дека заедно ќе им ја обезбедиме европската иднина на нашите деца, посочи Заев.

Премиерот посебно упати покана до младите затоа што иднината останува на нив и ги повика да не го преспијат тој ден затоа што, како што рече, нема друга алтернатива и план „Б“ за европска иднина.

– Ве повикувам уште рано наутро на 30 септември да ја грабнете европската иднина, на денот на којшто не се седи дома и што ќе биде запишан како нов ден на македонската историја, рече Заев на трибината во Гевгелија.