Заев: Не прифаќам име без превод


Премиерот Зоран Заев не прифаќа име на државата без превод и менување на македонскиот Устав. Ваквиот став тој го изнел во интервјуто за германскиот магазин „Шпигел“.

„Не можам да препознаам разумни аргументи за такво нешто. Како тоа практично би изгледало, да не се преведува нашето име? Дали треба да ги натераме канцеларката Меркел и претседателот на САД, Доналд Трамп, да нѐ нарекуваат, на пример, ‘Severna Makedonija’? Таков пример нема никаде во светот“, вели Заев.

Сличен е ставот на македонскиот премиер и во однос на барањата за промени во Уставот, односно за промена на уставното име.
„Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам никаква причина за барањето името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција ѝ е потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации“, вели Заев.
По промената на името на автопатот и на аеродромот во Скопје, Заев вели дека не се планираат натамошни слични гестови во таа насока, но најавува дека заеднички комисии од двете земји ќе ги преработуваат историските учебници.
На крајот на разговорот Заев вели дека не може да си замисли неуспех на разговорите околу спорот за името.
„Не сакам ни да помислам на тоа дека нема да има решение во спорот за името. Ние мораме да го решиме овој спор, затоа што само така можеме натаму да се развиваме, да се интегрираме во ЕУ и да станеме напредна држава со владеење на правото. Тоа е добро за целиот регион. Неуспех е незамислив, за Македонија, за целиот Западен Балкан и на некој начин и за ЕУ“, вели Заев.

На прашањето на новинарот дали има нешто против доколку тој му го даде името Зоран на својот син, и дали тоа би му го загрозило идентитетот, македонскиот премиер одговорил: „Секако не“. Зоран е име кое постои во многу земји од Југоисточна Европа, не само во Македонија“.

Околу тоа дали германската влада треба поактивно да учествува во разговорите Заев одговорил дека и на обете страни – и на македонската и грчката – им се потребни поддршка и охрабрување, но да се врши притисок врз која било од страните, не е исправниот пат.

„Никој не може да ни ја одземе самостојната и суверена одлука во спорот за името“, рекол Заев.

Во однос на можните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев порачал дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи.
„Да, ние сакаме налето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмени и туристи. Но, искрено, немаме никакви други окупациски намери“.