Заев на мотор му дојде на именден на крушевскиот градоначалник


Премиерот Зоран Заев на мотоцикл дојде од Струмица во Крушево, каде му беше гостин на градоначалникот Томе Христоски, по повод неговиот именден, пишува Фокус. Заев пристигнал со поголема група на моторџии и направиле обиколка низ градот, додека Христоски ги придружувал во автомобил за време на обиколката.

-Станува збор за приватна посета, и ми беше голема чест што премиерот Зоран Заев ми беше гостин на мојот именден. Го посетивме вечното почивалиште на Тоше Проески, го разгледавме градот, низ крушевските улици тој го возеше моторот, а јас бев во автомобил. Неговата посета за мојот именден беше сосема случајна, и сега на шега велам дека во иднина ќе треба и кај други градоначалници да оди на именден, да не замерат – вели Христоски.

Пред неколку дена тој и премиерот имаа средба со легендарниот словенечки скијач Бојан Крижај. Oд страна на Крижај за време на средбата биле предложени идеи за искористување на природните потенцијали на Крушево, како за зимските спортови, така и на полето на енергетиката, преку изградба на парк на ветерници за производство на електрична енергија.