Заев: Минатата година рекордна во реализација на капиталните инвестиции


Оваа година ќе биде добра година за македонската економија, бидејќи стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои што изостануваа во претходниот период, рече министерот за финансии Драган Тевдовски кој денеска оствари средба со премиерот Зоран заев во Министерството за финансии.

Тој посочи дека реализацијата на капиталните инвестиции во Буџетот во 2017 година изнесува 19,86 милијарди денари или 83,6 отсто од планираните, што, како што нагласи, претставува историски највисоко ниво и додаде дека во 2016 година капиталните инвестиции изнесувале 16,97 милијарди денари.

– Остваривме одличен резултат во 2017-та, ако се знае дека во првата половина на годината реализација на капиталните инвестиции беше исклучително ниска. Ние ќе продолжиме со ова темпо на реализација со што ќе се даде силен поттик на вкупната економска активност годинава, рече Тевдовски.

Знак дека економијата се стабилизира, посочи, е зголемената наплата на даноците.

– Во 2017 година даночните приходи се за 4,6 отсто повисоки од 2016 година, при што раст имаат сите поважни категории на даноци. Притоа, Министерството за финансии, во координација со УЈП, во 2017 година реализираше поврат на ДДВ кон фирмите што е за 2,2 милијарди денари повисок од 2016 година. Ние и во 2018 година ќе продолжиме со неселективно и брзо враќање на ДДВ кон фирмите со што ќе се влијае на подобрување на ликвидноста на стопанството, потенцира Тевдовски.

Премиерот Заев нагласи дека изнесените бројки даваат надеж дека во 2018 година ќе има огромен број накапитални инвестиции што ќе значат директна инјекција на пари во стопанството.

– Во 2017 година зголемена е и реализацијата на севкупните приходи во однос на 2016 година што покажува сериозно заздравување на економијата после политичката криза и дека домашното стопанство го препозна моментот на излез од политичката криза и се раздивжија севкупните економски активности . Тоа е многу значајно бидејќи најавува убава надежна 2018 година, рече Заев.

Она што го направивме на крајот на 2017 година со репрограмот од две милијарди денари, додаде Заев, со кој исплативме некои обврски и се зголемија јкапиталните инвестиции и севкупната реализација на Буџетот, а буџетскито дефицит остана на 2,7 или 2,8 отсто.

– Тоа испраќа порака дека 2018-та треба да биде година на прогрес, на економски инвестиции и на севкупен економски раст и развој на земјава. Со ваквите најави очекуваме отворање на многу работни места и зглемување на БДП, а тоа ќе значи дека и граѓаните ќе може да го почувствуваат тоа и да имаат поголеми приходи за семејниот буџет, потенцира Заев.

Најави дека се работи на измени на законската регулатива и укинување на пломбирањето на објектите од страна на УЈП, како и на прогресивно и праведно казнување за фирмите кои не ги почитуваат законите.