Заев: Македонија може заедно со Грција да постигне решение пред одржување на Советот на министрите на ЕУ


Верувам дека може Македонија заедно со Грција да постигне решение пред одржување на Советот на министрите на ЕУ, изјави премирот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по потпишувањето на меморандумот за соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили.

Прашан кога очекува да се достави компромисно решение за името во ОН, Заев рече дека не сме далеку од решение, но можеме да бидеме и стварно далеку од решение.

– Би сакал да постигнеме решение дури и до самитот на ЕУ за Западен Балкан. Тоа е 17 и 18 мај, но поважно е да постигнеме решение. Ве уверувам дека движејќи се до она што ни е важно, а тоа е да се сочува достоинството и идентитетот и на нашата и на грчката страна, ќе се обидеме да го постигнеме решението што на Македонија ќе и обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со ЕУ, рече Заев.

Нагласи дека верува оти Македонија заслужува и ги исполнува условите.

– Прашањето е политичко, но и политичките прашања треба да ги решаваме. Со овие продемократски и прозападни манири со кои што се однесуваме двете страни во разговорите верувам дека ќе најдеме сили до самиот крај да изнајдеме трајно и одржливо решение, што ќе биде од корист на двете страни, рече Заев.