Заев: Каква било промена во Уставот не значи трајна гаранција за Грција


Каква било промена во правниот систем на Македонија не значи трајна гаранција за Грција, бидејќи се што се менува може да се врати назад, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарско прашање за барањата од Атина за промена на Уставот како гаранција за евентуалното решение на спорот за името.

– Многу е важно да го практикуваме тоа што целиот свет го знае, а тоа е меѓународно познатата пракса на решавање на вакви спорови и тогаш тоа останува вечно. Јас сум убеден дека преку ваквите пристапи, водејќи грижа колку е тоа важно за граѓаните на Грција и на Македонија можеме да го најдеме решението на спорот што го имаме со Грција, рече Заев по денешното рочиште за случајот „Поткуп“ во Кривичниот суд.

Заев кажа дека не треба да се поставуваат цвени линии доколку се сака да се дојде до некое решение.

– Мора да водиме грижа едни за други за да го сочувуваме достоинството на двата народа, на двете земји и на двете нации и секако зачувување на она што значи чувство, а тоа е идентитетот. Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате, да се ценкате. Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно  кон партнерите со кои преговараме ќе изнајдеме решение, а истовремено да се отвори и Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум подготвен, како тие водат грижа  за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија, соодветно исто, рече Заев.

Во однос на пишувањето во грчки „Катимерини“ за постигнување согласност во три поглавја, премиерот посочи дека е затворено прашањето со иредентизмот, со чекорите кои ги направи Македонија, односно со промена на имињата на автопатот во „Пријателство“ и аеродромот во Скопје.

– Разговарано е и за во иднина, по можниот договор, да се формираат работни групи кои ќе ги проверат учебниците од двете страни за да не се остави незгодна трага кај младите генерации, да негуваат пријателство, наместо непријателство, изјави премиерот Зоран Заев.