Заев и Мицкоски очи во очи утре во 20 часот во Владата


Премиерот и лидер на СДСМ информира дека утревечер во 20 часот во Владата на Република Северна Македонија ќе оствари средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претстојните претседателски избори, реформските закони и се што е во интерес на државата, како што рече Заев, ќе бидат теми на утрешната средба.

„Ќе почекам утре да видам кои се барањата, ќе ги соопштам и нашите предлози и сите заедно ќе разговараме по одговорностите на сите политичари и политички партии ќе разговараме. За детали е прерано и не би ги коментирал, изјави Заев.

На новинарско прашање зошто на средбата не учествуваат и лидерите на главните албански партии, Заев потенцира дека за оваа средба нема потреба од формат на повеќе политички партии.

Значајно е, подвлече премиерот, да се разговара за престојните претседателски избори, за евроинтеграцискиот процес на земјата затоа што дури и НАТО сè уште не е завршено.

„Следува ратификацијата, да направиме се што можеме во јуни да го добиеме конечно датумот за отворање на преговорите со ЕУ. Тоа се важни работи“, изјави Заев, додавајќи дека ќе разговара како премиер и претседател на најголемата политичка партија со шефот на опозицијата на тие теми, заради тоа што верува во заедничката одговорност пред историските одлуки што нашата земја треба да ги донесе.