Заев избра позитивна кампања, бара патриоти за референдумот


– Очите на цела меѓународна јавност ги свртевме кон нас со тоа што на мудар и трпелив начин, од земја генератор на криза, Македонија ја претворивме во мотор на развој на регионот. Сега имаме отворен пат за напредок преку подадените раце за членство во ЕУ и во НАТО од земјите пријатели. Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската Унија. Реални се надежите дека Македонија може да биде 30. членка на НАТО.

Вакви пораки упати лани на 8 Септември тогаш штотуку избраниот премиер Зоран Заев, на централната прослава пред Владата за 26-годишнината од независноста на земјава, која се одржа под слоган „Македонија слободна, слободно живее“ – во духот на смената на власта што се одигра неколку месеци пред тоа. Во месеците потоа, тогашните прогнози на Заев стануваа постепено реалност. Македонија е поканета да биде 30. членка на НАТО и има најавен датум за почеток на преговорите со ЕУ – придобивки што ги стекна по потпишувањето на договорот со Грција. Затоа евроатлантските перспективи на земјата доминираа во говорот на премиерот и на годинешново одбележување на 8 Септември – денот кога во 1991 година огромно мнозинство граѓани на референдум ја извојува независноста на Македонија. По игра на случајот, одбележувањето на 27-годишнината од тој референдум, овој пат под мото „Заедно одиме напред“  се совпадна со референдумската кампања за изјаснувањето на граѓаните за договорот за името и членството на земјата во ЕУ и во НАТО. Од тој аспект, пораките што премиерот ги испрати завчера не може да се гледаат одвоено од кампањата што е во полн ек.

– Oвој историски момент е поголем од секој од нас, од нашите партии, кавги или лични интереси. Да ги оставиме различните убедувања и интереси за момент зад нас и да ја видиме светлината на Европа која нè повикува. Сега имаме можност, како никогаш до сега, да излеземе гордо и да одлучиме за нашето место во братството на европските народи, во ЕУ, и да застанеме рамо до рамо, рамноправни со најсилните земји на светот, членки на НАТО – рече Заев.

На Денот на независноста премиерот немаше многу време за прослава. Работниот ден го почна со средба со германската канцеларка Ангела Меркел, а го заврши со обраќањето пред Владата, од каде што испрати пораки до повеќе целни групи – до младите генерации, до сите етнички заедници, до пензионерите, земјоделците, претприемачите… дека Македонија е пред избор дали ќе остане сама и изолирана или ќе оди напред.

„Од огромна важност е што мнозинството наши сограѓани го одобруваат референдумот и го гледаат како шанса да го дадат својот глас за најсигурниот пат кон стабилноста и безбедноста. Како членка на ЕУ, ќе седиме на масата и ќе разговараме рамноправно за економски просперитет за нашите граѓани, во заедницата со другите европски граѓани.

Без место на маса, ќе останеме надвор од кругот, без наш збор во многу настани што ќе влијаат на нашите животи“, рече Заев.

Во ова негово пригодно обраќање доминираа афирмативни пораки, позитивен став и оптимизам за успех на референдумот, а отсуствуваше негативна реторика и напаѓачки и критикувачки тон кон неговите политички противници, поточно кон опозицијата која сè уште калкулира со својот став околу референдумот. Наместо зборови од типот „предавници“, „платеници“, какви што се слушаа често во кампањите на поранешниот владејачки естаблишмент, Заев користи вокабулар во стилот „соработка“, „напредок“ и „разбирање“.

Политикологот и комуниколог Марко Трошановски посочува дека негативната кампања би била контрапродуктивна кога станува збор за референдум за прашање од стратегиско значење за државата. Освен тоа, тој оценува дека актуелниот премиер и без тоа нема конфликтна реторика.

– Конфликтната реторика и негативните кампањи имаат за цел да ги одвратат граѓаните од поддршка на одредена политичка опција. Затоа, таквите кампањи повеќе имаат смисла кога станува збор за изборна кампања, посебно за парламентарни избори во кои главната битка се води меѓу два политички субјекта. Затоа, пак, кога се работи за кампања за референдум, пожелно е да се испраќаат афирмативни и емотивни пораки, за да може да се мобилизираат што повеќе гласачи да се определат за двете можни опции, како одговор на референдумското прашање – вели Трошановски.

Заев, во саботата вечерта, им се обрати и на оние што се двоумат околу учеството на референдумот на 30 септември.

– Затоа ним им велам: вашата татковина ве повикува. Иднината ве повикува. излезете и дадете го својот глас глас. Нека биде слушнат. Ако сте бизнисмен или земјоделец – дали е добро да имате еднаков пристап до пазар од 500 милиони потенцијални клиенти? Ако сте студент – дали е корисно да имате неограничени можности за патување и учење надвор и шанси за добро платена работа во Македонија? Дали сакате Македонија да биде Европа? Токму овие прашања бараат патриотски одговор – рече Заев.

Но опозицијата не беше пред Владата за на самото место да ги слушне пораките што ги упати премиерот. Функционери на ВМРО-ДПМНЕ не се вклучија ни во официјалното одбележување на 27-годишнината од независноста, а партијата е „отсутна“ и од кампањата за референдумот. Место тоа, се огласија вчера со соопштение во кое порачаа дека народот не се согласува овој септември да биде последниот во кој ќе се слави независноста на Македонија.

„Народот го прочита Заев во неговата намера да ја избрише историјата, традицијата и културата и затоа ја избегна прославата на која треба да се промовира промената на Уставот и идентитетот. Иднината на Македонија не смее да зависи од лица што не може да погодат ниту знаме на една земја, пријател на Македонија. Националниот идентитет не смее да биде монета за поткусурување на неспособни политичари кои се заинтересирани само да си обезбедат стипендии за своите деца. Името не е сопственост на криминалци на кои им е важно само да ограбат што е можно повеќе пари од граѓаните додека се власт“, стоеше во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Александра М. Митевска