Заев за „Независен“: Набрзо ќе седнеме до Норвешка во НАТО
Успехот на референдумот, според премиерот Зоран Заев, ќе биде силен и јасен сигнал за сите политички фактори во земјата. Успешниот референдум, вели, ќе биде пресуден и за однесувањето на пратениците во Собранието, кои при одлучувањето за уставните измени ќе се соочат со волјата на граѓаните. Во интеврју за „Независен весник“, Заев нагласува дека клучната политичка одлука што може да се донесе од сите членови на парламентот, и од сите парламентарни групи е да се прифати и да се испочитува одлуката на мнозинството граѓани искажана на референдумот.
– Поради отпорот од опозицијата, која веројатно ќе се обиде да ги искористи своите „пет минути“ кога ќе дојде време од неа да се бара поддршка за уставните измени, колкави се шансите Македонија во јануари да ги заврши сите свои обврски околу договорот од Преспа, за тој потоа да биде ратификуван во грчкиот парламент.
Кога ќе се соочи со резултатот од референдумот, јас сум убеден дека опозицијата ќе сфати дека поддршка за уставните измени не ја бара Зоран Заев, или СДСМ, туку ја бараат – граѓаните. Убеден сум дека во редовите на опозицијата има рационални, разумни поединци, особено меѓу нивните членови на Собранието, и дека тие ќе ја прифатат одлуката што ќе призлезе од референдумското гласање.
– Очекувањата се дека договорот, сепак, ќе биде ратификуван во парламентот во Атина, и покрај реакциите на тамошната опозиција, па и на дел од колициските партнери на Ципрас. Како потоа ќе се одвива процесот за полноправно членство на Македонија во НАТО?
Процесот за нашето полноправно членство во НАТО е веќе започнат. Добиваме покана за членство во НАТО. Она што не го добивме во 2008, го добивме сега, како резултат на големиот успех на граѓаните на Македонија. Исходот на референдумот ќе му даде импулс на Собранието до крајот на декември оваа година, со двотретинско мнозинство, да ги усвои уставните промени предвидени со договорот. Веднаш, наредниот месец, во јануари 2019 ќе почне процесот на ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во националните парламенти на 29 земји членки на НАТО. Грција ќе биде првата земја членка која ќе го ратификува протоколот за членство, заедно со Договорот. Со пристапниот протокол нашата земја се стекнува со право да учествува во сите структури на НАТО и добиваме столче на главната маса на Северноатлантскиот совет. Ќе седиме до Норвешка. Ратификацијата на договорот за пристапување во парламентите на сите земји членки на НАТО трае една до една и пол година. (А.М.М.)
Остатокот од интервјуто ќе го објавиме во утрешното (четврток) печатено издание на „Независен весник“