Заев: Заедно да сработиме и за датум за преговори со ЕУ во јуни


Се израдувавме на чистата препорака, но истовремено ги примивме пораките од Извештајот на ЕК. Ја продолжуваме и интензивираме реформската динамика. Во Владата веќе се поставуваат контурите на реформскиот План 18, што се однесува на имплементација на усвоените реформски закони. Ќе го дефинираме заедно, во консултации со Европската комисија и со сите релевантни и општествени политички фактори. Ќе работиме како и до сега, заедно со сите.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на седницата на собраниската Комисија за европски прашања на која евроамбасадорот Самуел Жбогар го претстави извештајот, а присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, американскиот аналитичар и поранешен висок дипломат Даниел Сервер, претставници на Владата, МАНУ,  граѓански организации.

Со досегашните напори, нагласи Заев, успеавме да ја убедиме Европската комисија дека заслужуваме почеток на претпристапните преговори, а сега треба да ги убедиме и државите членки на ЕУ дека заслужуваме почеток на преговорите за членство и дека сме подготвени да фатиме чекор со државите од регионот кои веќе преговараат.

– Сакам да најавам дека до донесувањето на одлуките за почеток на преговорите на Европскиот совет во јуни, ќе работиме интензивно и на подготовките за воспоставување преговарачка структура, која, во име на државата, ќе ги подготви и води преговорите со ЕУ за членство. Со овој чекор, демонстрираме сериозна намера и конкретна подготвеност за почеток на преговорите, со квалитетна преговарачка структура. За оваа задача ќе ни требаат најдобрите луѓе од институциите, но исто така и најдобрите луѓе во државата и целото општество. Овде не смееме да имаме никакви поделби, ниту пак предрасуди, рече Заев и најави дека очекува датумот за преговори да го добиеме во јуни.

Според него, датумот за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги отвори први најтешките теми – правосудство и владеење на правото, заштита на човековите права, борба против криминал и корупција, реформи во јавната администрација, реформи на безбедносните служби, реформи во социо-економскиот систем,  успешна регионална економска соработка.

– Затоа, ракавите веќе да ги засукаме. Не чека полни раце работа, сите, порача Заев.