Заев е поканет денеска да сведочи за нападот врз Села


Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште од судењето на обвинетите за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

Дел од медиумите објавија дека и премиерот Зоран Заев ќе биде сведок на судењето за обвинетите за обид за убиство на пратеникот. Предлогот дошол од еден од адвокатите на одбраната по дел од изјавите на Заев дадени во јавноста и медиумите за овој настан кој се случи на 27 април 2017 година во законодавниот дом. Адвокатите и судот ќе го испрашуваат Заев за тоа што точно видел во Собранието, а е поврзано со обидот за убиство на претседателот на Алијансата за Албанците.

Беше објавено дека поканите како сведоци се и претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот Дамјан Манчевски и пратеникот Александар Кирацовски.

На претходните рочишта сведочеа неколку сведоци, меѓу кои и Зијадин Села. Тие зборуваа за случувањата и насилството што се случи врз Села на 27 април 2017 година кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието на РМ.

Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

На претходните рочишта обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.

За овој предмет, месецов се закажани пет рочишта.