Заев: Дојде време Европа да ја донесеме овде


Дојде време Европа овде да ја донесеме во Крушево, во Македонија, порача премиерот Зоран Заев на денешната трибини на „Излези За европска Македонија“ во Крушево.

Тој посочи дека референдумот на 30 септември ќе каже јасно во кој правец треба да се движи Македонија.

– На 30 септември носиме историска одлука. Нашиот народ и претходно носел историски одлуки. Овде во Крушево на Илинден ја создал првата република на Балканот и втората во Европа. Крушево ја донесе и девизата обединети во нашата различност. Ајде да и докажеме на Европа дека Македонија е Европа, рече Заев.

Нашата генерација има чест да ја испишеме модерната историја и за неа да учат нашите деца и внуци.

– Конечно нашиот народ треба да дојде до она што е најпосакувано – да бидеме членка на НАТО и ЕУ. Не ни е лесно, бидејќи треба да ставиме географска одредница на името, но добиваме конечно вековно признавање на нашиот народ и јазик. Тоа ги отвора портите да имаме достоинствен живот и овде да го живееме. Убеден сум дека она што го постигнавме со Договорот со Грција е конечно постигнување на она што го сакале нашите претци. Со него добивме наше парче земја која е призната од целиот свет и никој повеќе нема да не понижува со ФИРОМ и слично, потенцира Заев.

Посочи дека за Македонија нема план „Б“ и повика доколку има некој да го каже.

– Доста младите ни бараат подобар живот во странство. Имаме можност да донесеме одлука која ќе им овозможи овде да можат да најдат подобар живот, потенцира Заев.

Немаме ни една причина, додаде, да бидеме понижени и нелагодни, бидејќи имаме добар Договор. – Ова е најдобриот Договор и носи само добро и за Македонија и за Грција. Должност ние на 30 септември да излеземе и да кажеме „За“ за европска Македонија, рече Заев и им порача на младите да излезат и да гласаат за нив, а на повозрасните да излезат и да гласаат заради младите и нивната иднина.

Го повика лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да застанат заедно за иднината на Македонија.

– Треба заедно да застанеме сполтени, да ги заборавиме нашите политички несогласувања, бидејќи политичарите доаѓаат и си одат а Македонија е вечно тука. Затоа  да излеземе и да гласаме ЗА европска Македонија, посочи Заев.

На трибината се обрати и крушевскиот градоначалник Томче Христоски кој нагласи дека жителите на Крушево стојат и понатаму зад идејата на илинденците.

– Нивната визија ја продолжуваме со европска Македонија, рече Христоски.