Заев да си најде советник за советниците


Слободанка Јовановска

Советникот со завршено средно училиште и дебела биографија на закани и насилства, Џезаир Шакири-Хоџа, изјави вчера дека има „секакви“ во владата на премиерот Зоран Заев, па не гледа зошто да не биде и тој дел од неговиот кабинет. Што се занимавате со мене, ми треба функција за да преживеам, порача Хоџа од својот фејсбук-профил.

Тој збор „секакви“ ја опиша најдобро кадровската политика на актуелниот премиер која веќе не е куриозитетна, туку добива застрашувачки насоки. Ако се земе за сериозна изјавата на командант Хоџа, испаѓа дека секој што нема како да преживее, а на некој начин му направил услуга на Заев, може да смета на плата од „бедни“ 36.000 денари, колку што ќе добие новиот советник за прашања за кои свое мислење одамна дадоа САД и Стејт департментот ставајќи го на црната листа за сите времиња.

По првичното неверување дека вакво именување воопшто е можно, дури и како надворешен советник, нормално се поставува дилемата – што тоа направил командант Хоџа, кој не е член на ниту една партија со која СДСМ сака да прави коалиција, кој не е ниту политички туку криминално активен и кој нема никакви квалификации за да го оправда своето именување, секој месец ќе добива од наши пари уплатени на сметка на државата. Пари што повеќето граѓани во Македонија ги заработуваат со тешки маки, а некои не можат и тоа. Ако е точно тоа што го тврди Хоџа, дека станал советник бидејќи само така нема да му прави проблеми на премиерот во Танушевци, сите треба да се замислиме колку е силна и каква контрола во државата има владата на СДСМ, кога секој со криминален ум може да ја рекетира – заради преживување на сметка на буџет.

Од сѐ што кажа командант Хоџа, реално изгледа само тоа што го негираше – дека заради добивање гласови на Албанците ја заслужил функцијата за која можат да сонуваат многу чесни, образовани, способни, лојални и вредни граѓани во Македонија. Ај што такви има сѐ помалку на советничката листа на премиерот и на другите листи кои личат на своевидна „плејада на заслужните“, дополнителен впечатокот е дека пред наши очи се создава ново политичко подземје при што Хоџа треба да е дното на пирамидата која сигурно не е таму за да ја зацврсти демократијата во Македонија, бидејќи на таа тема тој нема што да каже.

Објаснувањето од Владата вчера беше дека Хоџа ќе го советува премиерот за внатрешна безбедност и борба против радикализмот, веројатно бидејќи само такви квалификации можат да му се препишат. Но во обратна насока. Ако е ова непостоечка функција и давање плата заради некоја бивша заслуга, и ќе се преживее некако, но ако е плата и за некоја идна услуга од типот на тие што може да ги оствари советникот, тогаш премиерот навлегол во дебела политичка пајажина, така што не е рано да му се каже дека вака наивно почнаа и ВМРО-ДПМНЕ, пред да потонат во политичката кал од која подоцна, и да сакаа, не можеа да се извлечат бидејќи никогаш нема враќање од овој процес.

Кога странски инвестиции ќе ни брка некој што упаѓаше во домашни фирми, вршеше притисок врз директори и апсеше, тогаш можеби логично звучи за нашата безбедност дома да се грижи некој што ја загрозува со години – а таа „нормала“ е најстрашното што ни се случува сега бидејќи до неодамна ваквите одлуки од страна на Заев изгледаа невозможни.

Друго прашање е што остана од толку фалената транспарентност на Владата која очигледно се сведува на објавување само на одлуки што не се контроверзни за јавноста, а ставање под тепих на останатите, пред сѐ кадровските именувања. Во правењето коалиции со секого и за сѐ, заради стабилност на власта и заради мир во куќата, премиерот Заев очигледно претера. На објаснувањето од интернет-страницата на Владата дека премиерот по сопствен избор и слободна проценка може да ангажира надворешни соработници фали едно дообјаснување – со сопствени или со наши пари, за негов или за наш интерес?

Во краен случај, премиерот треба да излезе јавно и да каже каква е неопходноста командант Хоџа да стане командант на Владата и ние тоа да мора да го платиме. Во спротивно, многу бргу ќе му треба советник за советниците или уште полошо, советник како да преживее бидејќи фиктивни функции и фиктивни гласови прават фиктивна демократија и фиктивна победа. Ако тоа е во прашање.