Заев – Данкан: Бојкот на референдумот е бојкот на иднината на државата


Секоја поединечна одлука за бојкот на референдумот е бојкот на иднината на државата и на демократијата, констатирале на денешната средба во Владата британскиот државен министер за Европа и Америка Ален Данкан и премиерот Зоран Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, Данкан изразил поддршка за успешен референдум, како демократски начин на израз на граѓанската волја, како и за процесот на интеграции на Македонија и охрабрување за земјава да ги оствари стратешките цели. Тој додаде дека тоа е важно за Македонија, но и за целиот регион.

Премиерот Заев, пак, изразил уверување дека мнозинството граѓани ќе излезат и гласаат за евроатлантската иднина на земјата

– Огромно мнозинство граѓани се за членство на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, затоа што тоа ќе донесе стабилност и безбедност во државата и европски животен стандард. Јас сум уверен дека тоа ќе се преслика на претстојното гласање за референдумот. Очекувам сите политички субјекти во државата и поединци да најдат сила и дека ќе се издигнат над политичките интереси и ќе одговорат на обврската да се изјаснат на референдумот, во овој историски момент за иднината на државата, рече премиерот Заев.

На состанокот се разговарало и за други актуелни политички и безбедносни прашања на домашен и регионален план.

– Заедничка оценка е дека евро-атлантските интеграции на Македонија се придонес во регионалната стабилност и безбедност и економските перспективи за сите граѓани, стои во соопштението од средбата.

Британскиот министер за Европа и Америка Данкан денеска имаше средба и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.