Заев ги повика бизнисмените од Битола да ги искористат мерките наменети за малите и средните претпријатија
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска во Битола им порачаа на бизнисмените од овој град да ја искористат владината мерка за поддршка на малите и средните претпријатија за што веќе се обезбедени 10,5 милиони евра.
– За прв пат од државниот буџет обезбедени се рекордни средства во висина од 10,5 милиони евра само за поддршка на малите и средните претпријатија. Економскиот план обезбедува поддршка и за брзорастечките компании или т.н. „газели“ со 30 проценти поврат на направените инвестиции. За микро компаниите овозможуваме поддршка до 30 проценти од направените инвестиции и за развој на иновативноста на микро, малите и средните компании со поврат до 70 проценти од направените инвестиции во активности поврзани со иновациите, рече Заев пред бизнис заедницата.
Тој потврди дека Владата ги продолжува политиките за пораст на платите. – Со компаниите зборуваме за нова мерка со која дополнително ја засилуваме спиралата на пораст на платите, односно мерка со која државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка до 30 проценти од растот на бруто платата на работниците во трудоинтензивните дејности. Мерката ќе се однесува на исплатени плати или покачени плати до 18.000 денари, а целта е платите да растат, граѓаните да бидат задоволни и да имаат повеќе пари, а компаниите да останат стабилни и компетитивни на меѓународните пазари, посочи Заев.
Тој ја потврди и поддршката за локалната самоуправа за проекти од нејзината надлежност.
– Добивме позитивен одговор дека нема да бидеме запоставени и заборавени како што тоа беше во минатото. Информиравме за повеќе проблеми како што се заостанатите долгови во училиштата, разговаравме за финансиските импликации и изградбата на фудбалскиот стадион кој е од национален интерес и затоа очекуваме државна помош, како и за инфраструктурните проекти на општината, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска на средбата со премиерот Заев.
На средбата меѓу Петровска и Заев се разговарало и за начините за возобновување на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер.